Зошто вашиот тренер упорно ви забранува алкохол?

Зошто вашиот тренер упорно ви забранува алкохол?

Редовни сте на тренинзи и се трудите да се придржувате кон режимот за исхрана, но вашиот тренер сепак има забелешки – зошто пиете алкохол на секое излегување? Ова не е негов хир да ви наоѓа замерки, ниту начин да ве казни. Кога вежбате со тренер вашите цели стануваат и негови цели, а тој знае дека нема да ги постигнете со вклучен алкохол. Еве зошто.

Сите знаеме дека алкохолот содржи многу калории. Но што ако сте ги пресметале тие калории во вашиот дневен внес?

Она што луѓето често го забораваат е дека не се сите калории исти. Постојат многу фактори кои го успоруваат намалувањето на вишокот телесни масти, правејќи го процесот покомплициран од тоа што веќе е. Но, честиот внес на алкохол е една од најголемите причини кои го нарушуваат овој процес, затоа што прави дисбаланс во калорискиот внес, течностите во телото и хормоните кои се потребни да се активираат за да ги согорите масните наслаги.

АЛКОХОЛОТ ГО ЗГОЛЕМУВА НИВОТО НА КОРТИЗОЛ, ХОРМОН КОЈ СОЗДАВА МАСНИ НАСЛАГИ

Консумирањето алкохол многу често го зголемува лачењето на кортизол – хормон кој ги разградува мускулите и создава масни наслаги. Губењето на мускулно ткиво значи и успорување на метаболизмот, правејќи полесно да се додадат килограми. Алкохолот го намалува нивото на тестостерон, хормон кој гради мускулна маса и намалува телесни масти.

Алкохолот ги блокира телесните процеси на согорување масти. Истражување кое е објавено во American Journal of Clinical Nutrition вели дека процесот на намалување на мастите може да биде намален за 73% по внесувањето на 2 пијалоци кои содржат вотка во период од еден час. Зошто? Алкохолот го спречува телото да црпи од резервите за масти како енергија. Телото треба да биде добро хидрирано за да гради мускулна маса и да топи масти, а алкохолот има својство да ги исфрла течностите од телото, т.е да доведе до дехидрација.

фитнес и алкохол

ЧЕСТОТО КОНСУМИРАЊЕ АЛКОХОЛ Е ПРОСЛЕДЕНО СО НЕРЕДОВНО ВНЕСУВАЊЕ НА ОБРОЦИ И ВНЕСУВАЊЕ НА “ЗАБРАНЕТА” ХРАНА

Алкохолот нѐ става во весело расположение, па така многу е веројатно дека несвесно ќе посегнете по чипс, грицки и други нездрави видови на храна. И тоа не е ваша вина, бидејќи самиот алкохол е моќен стимуланс на апетитот. Истражувањата покажуваат јасна корелација помеѓу количината на алкохол која е внесена пред оброк и внесената храна, што укажува дека луѓето кои пијат пиво или вино пред оброк или додека јадат, внесуваат поголема количина на храна.

Консумирањето на чипсови и други грицки со вашето пиво е всушност намалување на оксидацијата на масти речиси на нула. Ако често комбинирате закуски полни со јаглехидрати и алкохол, во телото складирате многу вишок калории, кои во основа не се користат. Тоа значи дека тие речиси сигурно ќе се складираат како масти.

Алкохолот го стимулира лачењето на допамин, хормонот на задоволство и зависност, па резултатот е најчесто зависна желба за внесување повеќе алкохол и храна. Ова значи дека е двојна замка за оние што сакаат да намалат килограми – повеќе калории и преку храната, а и преку алкохолот.

АЛКОХОЛОТ СОДРЖИ ГОЛЕМА КОЛИЧИНА НА КАЛОРИИ

Не е толку страшно да испиете чаша од 200 милилитри вино, кое според калориите е исто како да изедете 5 лажички путер. Но, многу мал број на луѓе сопираат со една чаша алкохол, а згора на тоа го мешаат со овошни или газирани сокови кои исто така содржат голема количина на шеќер, правејќи ги пијалоците уште покалорични.

Кога телото добива сигнал дека има многу енергија (калории) на располагање, природно сака да ја зачува таа енергија, па затоа почнува да ја складира во облик на масни киселини. Ако често му давате вакви знаци, телото под приоритет го става складирањето на масти, наместо да ги согорува.

Затоа, ако алкохолот се злоупотребува често во тек на еден подолг временски период, битката со согорувањето на масти се претвора во речиси невозможна мисија. Ова не значи дека повеќе никогаш нема да можете да наздравите со вашиот омилен пијалок, туку дека треба ова задоволство да го балансирате. Обидете се да го ограничите консумирањето на алкохол на 1-2 пијалоци максимум два пати неделно, и притоа воздржете се сите грицки што одат со нив.