“Златна Рамка” – ревија на македонски филмови од минатата календарска година

“Златна Рамка” –  ревија на македонски филмови од минатата календарска година

Викендов во МКЦ се прикажуваат 25 македонски филмови-краткометражна, документарна, долгометражна и анимирана продукција од 2018 година.

Годинава за прв пат ќе се одржи филмската ревија „Златна рамка“, на иницијатива и во организација на Друштвото на Филмски Работници на Македонија, која ќе претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година. На 22, 23 и 24 февруари во МКЦ, односно во киното Фросина, домашната публика ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските професионалци ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа.

На сите креaтивни остварувања, а особено на филмот кој претставува најкомплексна уметност потребна му е поддршката од својата публика. “Златна рамка” се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма.

Во делот на работната програма на „Златна рамка“ е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, како и Тркалезна маса на тема: “Нема кинематографија без филмска критика” предводена од страна на уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм – Ана Василевска  

На првото издание на ревијалните денови на македонски филм “Златна рамка“ под мотото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани вкупно 25 во три програмски целини. Претпоследниот ден од настанот, односно 23.02.2019 ќе ДФРМ ќе додели почесни награди за филмските професионалци- за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник. Ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни.