За краток период сите своите уреди ќе ги полниме бежично

За краток период сите своите уреди ќе ги полниме бежично

Од компанијата BIS Research проценуваат дека до 2023-та година пазарот на бежично полнење ќе порасне за дури десет пати.

Бежичното полнење кај паметните телефони направи големи чекори во изминатите неколку години. Најдобрите уреди на поголемиот дел од производителите имаат поддршка за бежично полнење, воспоставен е индустриски стандард, а се предвидува и дека вредноста на пазарот за кратко време драстично ќе порасне.

Според проценката на компанијата BIS Research, во 2017-та година овој пазар „тежел“ 2,57 милијарди долари, но до 2023-та година се чекува да достигне дури 20,57 милијарди долари. Само за споредба, филмската индустрија на глобално ниво минатата година вредеше 41,7 милијарди долари.

Во прилог на можниот голем раст оди и се поголемиот број на уреди кои што поддржуваат бежично полнење, но и се поголемиот број на домашни уреди и делови од мебелот кои што можат да послужат во таа цел.

Технологијата станува се подобра, а се вградува во уреди кои што имаат „нормална“ цена. Дали тоа ќе биде доволно да се ослободиме од сите кабли во нашиот дом во иднина? Тешко е со сигурност да се прогнозира кога би се случило тоа, но каблите имаат неколку предности кои што ќе ги задржат и после 2023-та година.

На пример, се уште ги полнат уредите побрзо од бежичните полначи, поевтини се и практични за транспорт, а служат и за други работи, како на пример за пренос на податоци.