Во Тајван има љубовни семафори

Во Тајван има љубовни семафори

Зелените и црвените човечиња од семафорите во Тајван добија девојки.

Како што објави сајтот „Тајван њуз“, првиот од 40-те семафори со нов дизајн со љубовни двојки беше пуштен во употреба на официјална церемонија во јужната област Пингтунг.

Новите семафори за пешаци прикажуваат анимиран маж како запросува девојка (за црвено) и двојка која поминува улица држејќи се за раце (зелено).

„Новиот дизајн нагласува дека Пингтунг е област полна со љубов. Новата тема поседува и безбедносен елемент, па се надеваме дека со ова ќе се зголеми свеста на учесниците во сообраќајот“, кажа градоначалникот Пен Мен-ан.

Тајван не е првата земја која го смени традиционалниот дизајн на семафорите. Во холандскиот град Утрехт, на овој начин му беше оддадена почит на локалниот стриповски лик, зајакот Мифи, додека во Мелбурн беа инсталирани семафори исклучиво со женски ликови.