
Беше прикажан и видео-спотот на песната „Огледало“ која се наоѓа на албумот со наслов „Тафталиџе шафл“.
– Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња – изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“ („Taftalidze shuffle“).
Се работи за весело и романтично музичко издание со 9 нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот. Стефановски, откако го смислил насловот веќе немало сопки и паузи во неговото создавање.