Вистината за бракот на Синди Крафорд и Ричард Гир!

Бракот на една од најпознатите манекенки во светот и легендарниот холивудски актер траеше кратко и заврши многу одамна, но ќе бидат запаметени како една од најубавите славни двојки.

Синди Крафорд и Ричард Гир се венчаа во 1991 година, а само четири години подоцна се разведоа. Таа денес признава дека сепак, разликата во години меѓу нив двајцата била премногу голема: Таа имала 25, а тој 42 години кога се венчале.

„Жените во нивните 20-ти години допрва почнуваат да сфаќаат кои се и што се, си доаѓаат на своето, почнуваат да ја чувствуваат сопствената сила и што сѐ може да направат со неа“, објаснува Крафорд во едно интервју.

Оригиналната супермоделка на 90-тите се запознала со ѕвездата на филмот „Pretty Woman“ кога имала само 21 година, a набрзо по првата средба почнале да се забавуваат. Иако во почетокот ѝ било сосема во ред да следи сѐ што прави тој, во еден момент, како што вели таа, сфатила дека понекогаш сака да биде личноста која води.

Врската со Ричард ја прославила уште повеќе и токму тој ја научил како да се носи со славата и со обожавателите. Сепак, разликата во годините била причината за распаѓањето на врската.

Крафорд не жали за ништо. Таа е во брак со бизнисменот Ренди Гербер со кој има две деца, синот Присли и ќерката Каја која веќе ги следи нејзините стапки и е барана манекенка.