Вежбање во зима – фит водич за сезоната што следи!

Вежбање во зима – фит водич за сезоната што следи!

Без разлика дали сте посветени фитнес ентузијасти или сакате да го подобрите изгледот за следното лето, периодот кој доаѓа е одличен за вежбање и од естетски и од здравствен аспект. Знам дека за вежбање во зима е потребна дополнителна мотивација и енергија заради темните и кратки денови во кои 1-2 часа спиење звучат како далеку подобра идеја од поминување на истото тоа време во „мачење“ во теретана. Но, ако го победите ова искушение и останете активни во следните месеци вашето тело ќе ви биде благодарно.

Зошто е толку важно да практикувате вежбање во зима?

Ниските температури и снегот се широко прифатен изговор за избегнување на тренинзите. Совршено е разбирливо да „не можете“ да вежбате баш сега кога надвор е темно и студено, иако истите тие услови не ве спречуваат да излезете со пријателите.

Ако сте подготвени да бидете искрени со себе, сакам да ве потсетам дека го имате истиот број на часови и минути на располагање во денот иако е темно надвор. И што е најважно, со редовно вежбање можете да го имате истото расположение и ентузијазам како и во топлите, сончеви денови.

Ќе го подобрите расположението

Недостатокот на сонце во зимските денови предизвикува пад на нивото на витамин Д во нашето тело што кај голем број луѓе резултира со големи падови во енергијата и расположението кои се еднакви на симптомите на депресија. Ова можете делумно да го спречите со внесување на витамин Д во облик на суплементи, но само физичката активност може да го поттикне лачењето на доволно ендорфини кои ќе ве одржуваат свежи и расположени без оглед на временските услови.

Ќе ја контролирате тежината 

Уште еден предизвик кој доаѓа со зимата е исхраната. Сите сме склони кон прекршување на нашиот план на исхрана, делумно заради потребата да го подобриме расположението со нашата омилена храна, делумно заради огромниот број на калорични искушенија кои се насекаде низ празничното мени, но најмногу заради законите на природата. Кога температурите паѓаат, нашиот инстинкт за преживување му кажува на телото да бара начини да се згрее. Првото нешто што телото се обидува да го направи е да наталожи масти кои ќе му помогнат во ова, што резултира со зголемен апетит.

Но, зголемувањето на тежината сега е нормално, ќе го поправите тоа лесно штом ќе поминат празниците, нели? Жал ми е што ќе ве разочарам, но не е баш така. Кога наталожувате масти преку вишок калории, нашето тело создава масни клетки каде ги складира мастите во вид на извори на енергија. Овие клетки никогаш не исчезнуваат, дури и кога ќе ги согориме мастите кои биле складирани во нив. Затоа, кога еднаш ќе се создадат масните клетки во телото, потоа многу полесно наталожуваме повторно масти во нив.

Ќе го подобрите здравјето

Редовното вежбање помага во елиминацијата на токсичните супстанци од телото. Овие супстанци се наталожуваат во текот на целата година, но најмногу во овој период. За време на празниците го оптеретуваме црниот дроб со повеќе токсини од обично. Исто така, во зимските денови загадувањето на воздухот е поголемо и детоксикацијата му е потребна на телото како континуиран процес, не само како активност по викендите во кои сме се опуштиле со консумацијата на храна и алкохол. Физичките активности ја подобруваат циркулацијата, што му помага на црниот дроб да ги исфрли токсините од телото. Подобрената циркулација исто така го подобрува имуниот систем и ви помага да се заштитите од вируси и бактерии.

Како да вежбате во зима?

За вежбање во зима ви е потребна поголема мотивација и поцврст „борбен“ план. Еве неколку идеи како можете да го направите тоа.

  • Поставете си цел со рок до пролет. Зацртајте точно кон која тежина, форма и обем ќе се стремите. Така точно ќе знаете зошто одите во теретана наместо пред ТВ, на пример.
  • Ставајте го телото почесто во движење во текот на денот. Ова се однесува на сите оние мали, навидум неважни движења, како што е симнувањето по скали наместо со лифт, или станувањето по чаша вода наместо да замолите некој друг да ви ја донесе. Така кога ќе дојде време за тренинг нема да ви биде толку тешко да се натерате да тргнете кон теретаната.
  • Направете вежбањето да ви биде забава. Викнете некој близок со кој ви е забавно да поминувате време заедно да вежба со вас. Искоординирајте ги вашите желби и цели и мотивирајте се меѓусебно. Пробајте нови вежби или нов концепт за вежбање. Пробајте неколку часови со тренер кој ќе ве поттикне да се држите до планот за остварување на вашата цел, ќе ве води низ тренингот со различни вежби и ќе ве мотивира да напредувате.
  • Зацртајте цврсти правила за тоа како ќе се одвива вашиот тренинг. На пример, 30-45 секунди по вежба и правете ги вежбите без пауза измеѓу. Комплетирајте ја секоја вежба со темпо 2:1:2, така што ако правите на пример, потисок со еднорачни тегови над глава, 2 секунди треба да трае негативниот дел од повторувањето, односно делот од повторувањето каде што ја спуштате тежина , една секунда пауза кога сте на крајот на движењето и под оптимална тензија на мускулот и две секунди на делот од повторувањето каде што ја буткате тежината, односно концентричниот дел. Повторувајте една вежба во 3-5 серии и одмарајте по 2 минути.
  • Практикувајте вежби кои се совпаѓаат со целта која сте ја поставиле. Сите ние имаме различни варијации на фитнес цели кои зависат од нашата моментална форма, телесна градба и претстава за тоа што е идеална форма. Но, која и да е вашата цел, не би требало да прескокнете неколку вежби: чучњеви, исчекор, потисок со тегови над глава, пленк.