Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020

Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020

Васил Гарванлиев ќе биде нашиот претставник на Евровизија 2020.

 

Македонскиот пејач, кој гради и интернационална кариера, ќе пее на евровизиската сцена во Ротердам, Холандија.

Гарванлиев ја објави веста со порака на социјалните мрежи:

Оваа година не можеше да ми започне со поубава вест.

Почитувани пријатели, соработници и поддржувачи на мојата музика со особена чест (и многу возбуда) сакам ве известам дека оваа година ја имам можноста, задоволството, и одговорноста да ја претставувам нашата земја на најголемиот музички фестивал – Евросонг во Ротердам.

Оттука, сакам да се заблагодарам на целиот тим од МРТВ кој ме изгласа и одлучи да ми ја даде довербата токму јас да ја имам оваа чест но и одговорност истовремено.

Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгогодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш!

Од сѐ срце благодарам на моето семејство и на моите соработници кој ме поддржуваат уште од самиот почеток, па дури и тогаш кога моите идеи им звучеа луди и апсурдни. ВЕ САКАМ!

Драги мои, подготвен сум за ова ново „патување“ со отворено срце и искрена приказна, овој пат ветувам дека ќе дадам сѐ од себе за мојата татковина, за сите нас!!! Се гледаме во Ротердам.

Ова не е прв настап на Гарванлиев на големото музичко натпреварување. Музичарот, којшто многумина го помнат по песната „Марионка“, минатата година ѝ беше придружен вокал на Тамара Тодевска.