УЕФА ќе ја помести датата за почеток на Европското првенство во фудбал

УЕФА ќе ја помести датата за почеток на Европското првенство во фудбал

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе побара од УЕФА да се помести Европското првенство поради корона вирусот, за да може да се комплетира националниот шампионат, потврди претседателот Габриеле Гравина.

„Ќе мораме да предложиме одложување на Европското првенство. Ќе се обидеме да го завршиме шампионатот, бидејќи тоа е најфер и најкоректно кон сите наши клубови поради инвестициите и жртвите кои ги направија“, вели Гравина.

Со одложување на првенството би се дало простор да се завршат националните шампионати и да се заддржи интегритетот на натпреварувањата. Серија А, заедно со другите четири големи европски лиги, Премиер лигата, Ла лига, Бундеслигата и Лига 1 се на „пауза“ поради корона вирусот, и иако првично се работи за одложување од две-три недели, сите прогнози велат дека паузата би требало да трае барем до крајот на април.

Евро 2020 треба да се оддржи низ 12 европски земји (вклучувајќи ја и Италија) од 12 јуни до 12 јули. УЕФА ќе има итна седница преку видео-конференција во вторник, каде што најверојатно ќе се донесат одлуки за Евро 2020, но и за Лигата на шампионите и Лига Европа.