Toyota го претстави електричниот Lexus UX 300e

Toyota го претстави електричниот Lexus UX 300e

Toyota ги доведе хибридите до совршенство, но електричен автомобил немаше. Сé досега кога под знакот на Lexus го претстави моделот UX 300e.

Претпазливо настапувајќи, јапонските инженери во целост го задржаа препознатливиот дизајн на малиот кросовер и се фокусираа на погонскиот систем. Тој располага со еден електромотор со 204 коњски сили, сместен напред. Литиум-јонските батерии од 54,3 киловати овозможуваат автономија од дури 400 километри со едно полнење, за кое ќе требаат нешто повеќе од 8 часа. Опремени се со систем за управување со температурата кој овозможува работа и на екстремно студено или топло време. Тие се разместени по целиот под на возилото што придонесува за пониско тежиште и подобра стабилност во возењето. За ускладување со динамичките промени што ги носи електрификацијата платформата е опремена со дополнителни носачи, а амортизерите со оптимизирана сила на пригушување. Иако хибридната варијанта на овој модел има посебен електромотор за задната оска, кај UX 300e погон на сите тркала не се споменува. Сé останато е како и кај стандардниот модел, од комфорот до врвната опрема. Според зборовите на одговорните во Lexus продажбата во Европа и Кина ќе му започне идната година, во Јапонија во 2021-вата, а пласман во Америка не е предвиден. Цените засега не се споменуваат.

Појавувањето на овој модел е голем исчекор за Toyota која досега цврсто се држеше само за хибридите. Одбиваше дури и да се обиде со плаг-ин модели, но дојде време кога електрификацијата не смее повеќе да се игнорира. UX 300e е само првиот чекор во новите технологии и наскоро ќе следат и други електрифицирани модели од двете марки.