Тесла помина 900 километри без дополна на батеријата

Тесла помина 900 километри без дополна на батеријата

Белгијците Стивен и Џори успеале со Model S на Тесла да поминат точно 901,2 километри пред погонските батерии на овој електричен автомобил целосно да се испразнат.

Стивен Питерс и Џори Колс објавија на својот блог дека рекордот го постигнале возејќи го Model S P100D на Тесла на кружна маршрута на еден пат во Белгија, а возењето „со една батерија“ траело точно 23 часа и 45 минути. За да поминат што е можно повеќе километри, тие го возеле автомобилот со брзина од околу 40 километри на час.

Претходниот рекорд беше поставен во 2015-та година од Кејси Спенсер кој возејќи го Model S 85D со батерија со помал капацитет помина 885,6 километри, возејќи со брзина од 35 километри на час.

Белгијците за време на подготовките за соборување на рекордот внимателно ја бирале рутата по која што се движеле, со цел да возат на пат каде што има што е можно помалку сообраќај и раскрсници. На крајот, избрале рамен, кружен пат долг околу 26 километри.

На информацијата за соборувањето на рекордот реагираше и првиот човек на Тесла, Илон Маск кој што тврди дека Model S P100D може да мине и над 1000 километри без дополнување на батеријата, но за тоа потребно е автомобилот да има „соодветни гуми“.