Светска премиера на новиот Bentley Flying Spur

Светска премиера на новиот Bentley Flying Spur

Bentley Flying Spur за 2020 година дизајнерскиот јазик го дели со новиот Continental GT Coupe, а автомобилот дебитира со моќен W12 мотор.

Новата генерација димензиски е поголема во споредба со претходникот, па должината на возилото сега изнесува 5.304 mm, додека меѓуосовинското растојание е поголемо за 130 mm, односно сега е 3.195 mm.

Автомобилот има 4 седишта, од кои задните се дизајнирани како две посебни фотелји, а широките задни врати на патниците им го олеснуваат пристапот со седиштата.

Новиот Flying Spur е опремен со најнова LED матрикс технологија за фаровите, а автомобилот стандардно е поставен на 21-инчни алуминиумски тркала. Опционално се достапни и фелни од 22 инчи.

На клиентите им е достапен и голем панорамски покрив, а за прв пат во историјата на брендот – Flying B на врвот од хаубата – може автоматски да се вовлекува и извлекува.

Производителот во новиот Flying Spur вовел и ретро детали, како вертикално ориентирани решетки на маската на ладилникот, инспирирани од моделот S1 Continental Flying Spur од 1957 година.

За каросеријата ќе бидат достапни 17 бои, а декоративните детали на надворешноста може да бидат светло-хромирани или со црна завршница. Купувачите исто така ќе можат да изберат една од 15-те нијанси и дезени на прекривките за седиштата.

Салонот е опремен со голем 12,3-инчен екран чувствителен на допир на централната конзола. Сепак, на првите промо фотографии, екранот не може да се види, бидејќи може комплетно да се ротира и „скрие“ зад панелот на контролната табла.

Стандардната опрема вклучува аудио уред со 10 звучници, а со доплата, можете да уживате во систем од Bang & Olufsen од 1.500 вати, 16 звучници или премиум систем од Naim со 2.200 вати и 22 звучници.

Срцето на Flying Spur е twin-turbo 6.0 W12 агрегат кој испорачува 635 КС (467 kW) и 900 Nm максимален вртежен момент. Моќта се пренесува на сите 4 тркала преку 8-степен автоматик со двојна спојка. Важно е да се напомене дека ова е првиот Bentley со погон на сите четири тркала.

Иако тежи скоро 2,5 тони (2.435 kg), новиот Flying Spur од 0-100 km/h забрзува за само 3,8 секунди пред да достигне максимални 333 km/h.