Суплемент кој не чини цело богатство – сода бикарбона (натриум бикарбонат)

Суплемент кој не чини цело богатство – сода бикарбона (натриум бикарбонат)

Во предходната статија ги разгледавме  бенефитите од користење на креатинот како суплемент за подобрување на перфрмансите. Нема дилеми дека креатинот е ефективен за оваа цел, но оваа недела би ви понудила информации за  еден полесно достапен и ефтин суплемент којшто е потенцијално корисен за истата намена – зголемување на издржливоста.

Човечкиот организам е дизајниран така да одржува многу деликатен pH баланс во течностите, ткивата и системите. Крвната плазма и интестиналните течности се оние коишто се најосетливи на киселинско-базен дисбаланс. Кога pH вредноста во овие течности се одржува на 7.35-7.45 нашиот имун систем функционира во оптимални услови и е способен да се бори со болести. Организмот има повеќе начини да ја одржи киселинско-базната рамнотежа. Еден од нив е со помош на пуферски системи.   Главниот пуфер систем во системите надвор од клетките е бикарбонатинот пуфер. Овој пуфер е одговорен за над 80% од екстрацелуларниот пуферинг. Бикарбонатниот пуфер се состои од воден раствор на две компоненти: слаба киселина- H2CO3 и бикарбонатна сол- NaHCO3.

Главна причина за умор на мускулите за време на физичка активност претставува концентрирањето на млечна киселина во истите (мускулна ацидоза). Млечната киселина е продукт на анаеробната гликолиза во мускулите којашто се случува при кратки високо интензивни вежби. Откако ќе се создаде таа дисоцира при што се ослободува водороден јон, а останатиот дел од соединението се сврзува со натриум или калиум при што формира сол (лактат). Клетката сега содржи лактат и слободен водороден јон. Зголемувањето на овие водородни јони што се концентрираат при интензивна физичка активност ја намалува pH вредноста. Уморот на мускулите произлегува од тоа што овие јони го инхибираат врзувањето на калциум којшто е неопходен за мускулна контракција.

Она што нас би не интересирало е како да ја намалиме киселоста во мускулите и притоа да ја зголемиме издржливоста? Еден од начините е со пуферирање со  базно соединение како натриум бикарбонатот. Начинот на којшто ова соединение би помогнало во намалување на киселината во мускулите е со тоа што ќе ја намали киселоста на крвта, што пак ќе предизвика концентрациски градиент на киселината од клетките во крвта. Карбонатот нема способност да навлезе во клетката па затоа делува во цркулацијата.

Што ни кажуваат истражувањата ?

Истражувањата за ефектот од суплементација со натриум бикарбонат се поделени. Дел од нив покажуваат позитивни ефекти, но дел не покажале никаков бенефит.

Според истражувањето на Mc Naughton et al (1997) конзумирање на натриум бикарбонат  60-90 минути пред настап на атлети коишто се напреваруваат во краткотрајни натпревари (1-7 минути) го подобрува перформансот за 1-2 %. Ова би било значително при вакви натпревари затоашто намалувањето на времето и за неколку секунди е токму она што е потребно за победа.

Ефектот на натриум бикарбонатот врз перформансот при тренинг со тежини не е многу истражуван и во досегашните истражувања нема значителен бенефит.

Поголемиот број истражувања покажуваат дека суплементација со натриум бикарбонат може да ја зголеми издржливоста во лабораториски изведени задачи коишто главно се ослонуваат на анаеробна гликолиза, посебно кај оние изведени со екстремно висок интензитет со краток период на одмор. Во нивното истражување Метсон (Matson) и Тран (Tran) пријавиле подобрување од 27% во времето до мускулен замор на субјектите при лабораториски вежби.

Дозирање и потенцијални негативни ефекти

Ефективната доза за натриум бикарбонат е 0,3g/kg и се препорачува да се внесе 60-90 минути пред физичката активност. Внесување на дози поголеми од препорачаната е пријавено дека предизвикува гастроинтестинални проблеми како повраќање и диареа. Преголемо или предолго внесување на овој суплемент може да доведе до алкалоза што пак можно е да доведе до срцеви аритмии или мускулен спазам.

Да сумираме :

Одржувањето на константна pH вредност на крвта е многу важно за човечкиот организам. Натриум бикарбонат е дел од пуферскиот систем на крвта на човекот којшто помага во одржување на таа pH. Причина за мускулниот умор е концентрирањето на водородни јони  во мускулот и мускулна ацидоза. Суплементирање со соодветна доза на натриум бикарбонат (сода бикарбона) пред тренинг може да помогне во зголемување на издржливоста и подобрување на перформансот при кратки високо интензивни физички активности или при т.н. HIT тренинг.