Супер храна која треба да ја вклучите во вашите салати

Супер храна која треба да ја вклучите во вашите салати

Со порастот на свеста за здрава исхрана порасна и популарноста на салатите. Веќе долго време тие не се синоним за чинија полна зеленчук со недостаток на вкус, за „самоказнување“ на оние кои не внимавале на телесната тежина, туку напротив, сѐ почесто се појавуваат во улога на егзотичен оброк со кој можете да се пофалите на социјалните медиуми. Освен тоа што можат добро да изгледаат, салатите драстично ќе го подобрат вашето здравје, особено ако им додадете малку супер храна.

Сончоглед

Семките од сончоглед се вбројуваат во супер храна заради нивната висока содржина на витамин Е. Една рака сончоглед го снабдува вашето тело со 50% од препорачаната дневна доза од овој витамин. Овие здрави семки можете да ги додадете во која било салата.

Ореви

Оревите се полни со омега 3 масни киселини, што им дава одлични анти-инфламаторни својства. Тие исто така го подобруваат помнењето и физичката координација, а се одличен извор на протеини, па така ќе ви помогнат во опоравувањето на мускулите и во одржување на чувството на ситост. Можете да ги користите како додаток во речиси секоја салата заради нивниот неутрален вкус.

Кокосово масло 

Кокосот го снабдува телото со среден синџир триглицериди кои се брз извор на енергија и го поттикнуваат согорувањето на масти. Брзо се транспортираат до црниот дроб и помагаат во забрзување на метаболизмот. Маслиновото масло е исто така многу здраво, но ако го замените со кокосово масло во вашите салати нема да згрешите. Можете и да ги комбинирате заедно по вкус.

Кељ

Најверојатно сте забележале дека кељот станува сѐ попопуларен во рецептите за здрава исхрана, но постои добра причина за тоа. Тој е одличен извор на калциум и моќен антиоксиданс. Богат е со витамин А кој го одржува здравјето на кожата и го зајакнува имунитетот. Намачкајте ги листовите со малку маслиново масло ако сакате да омекнат пред да ги додадете во вашата салата.

Суви сливи

Сувите сливи се богати со природни полифеноли, а тие поттикнуваат раст на клетките кои ги одржуваат здравјето и цврстината на коскениот систем. Покрај тоа, благодарение на растителните влакна и минералите кои ги содржат, го забрзуваат варењето на храната. Иако можете да ги консумирате како ужина, тие се одличен додаток за вашите салати бидејќи ќе го подобрат нивниот вкус и нутритивната вредност. Одат добро со салати инспирирани од азиската кујна.

Киви

Освен тоа што ќе ја подобрите естетиката на салатата, со додавањето на киви ќе го подобрите и вашето здравје. Само еден плод киви го снабдува телото со дневната препорачана количина витамин Ц. Оваа супер храна можете да ја комбинирате во салата и со овошје и со зеленчук.