Skoda го претстави својот трет и најмал SUV модел

Skoda го претстави својот трет и најмал SUV модел

По повеќемесечните таинствени најави, Skoda конечно го претстави својот трет и најмал SUV – Kamiq.

Иако на кинескиот пазар е одамна во продажба, европскиот модел е сепак потполно поинаков и пред сѐ поквалитетен автомобил. Тој значајно се разликува и од “поголемите браќа” – Karoq и Kodiaq, како што во семејството на Volkswagen, T-Cross е поурбан модел од Tiguan.

Новиот модел на Skoda има поостри линии од повеќето SUV на оваа автомобилска компанија, но променет е распоредот на светлосните групи бидејќи горните фарови служат како дневни светла, додека долните се долги светла.

Должината на овој кросовер е 4,24 метри со капацитет на багажникот од 400 литри, кој со спуштање на задните седишта може да се зголеми до 1.395 литри.

Иако чешкиот произведувач во најавните фотографии го прикажа Kamiq со масивни тркала, најголемите достапни бандажи ќе бидат 18-инчни.

Што се однесува до ентериерот, нема ништо ново бидејќи Kamiq го презел ентериерот од новиот компактен хечбек Scale, а може да се истакне целосно дигиталната 10,25-инчна контролна табла додека мултимедијалниот систем во зависност од пакетот на опремата доаѓа во големина од 6,5, 8 или 9,2 инчи.

Kamiq e богато опремен со безбедносни системи вклучувајќи адаптивен темпомат, систем за следење на лентата, итна автоматска кочница и многу друго. Кога станува збор за погонот, за тоа се задолжени стандардните агрегати од групацијата VW, со 1,0-литарски трицилиндричен турбо бензинец со 115 коњски сили.

Помоќната варијанта содржи 1,5-литарски четирицилиндричен TSI со 150 коњски сили, а достапен е и 1,6-литарски TDI турбодизел со 115 коњски сили.

Skoda Kamiq ќе дебитира на саемот за автомобили во Женева следната недела, а продажбата ќе започне подоцна во текот на 2019 година.