Што се тоа добри јаглехидрати и зошто ви се потребни?

Што се тоа добри јаглехидрати и зошто ви се потребни?

Ефектот на јаглехидратите врз здравјето и енергијата може да варира од позитивен до екстремно негативен, па оттаму доаѓа и нивната лоша репутација во однос на другата храна. Но, ако ги избегнувате сите намирници кои го содржат овој макронутриент ќе го лишите телото од еден од основните извори на енергија за вашиот мозок, срцето, нервниот и мускулниот систем. Затоа научете ја разликата помеѓу лоши и добри јаглехидрати и подобрете го квалитетот на вашата исхрана.

Изборот на еден јаглехидрат во однос на некој друг може да доведе до зголемување на енергијата, намалување на чувството на глад и до подобро здравје. Или пак, може да доведе до нагли варијации во нивоата на енергија, проследени со нагло чувство на замор и глад.

Засладените житарки, белиот ориз, белиот леб, тестенините од бело брашно, бонбоните, чипсот, колачите, тортите – сите тие се многу вкусни и сите се јаглехидрати. Но исто така во јаглехидрати спаѓаат и овесот, кафеавиот (интегралниот) ориз, киноата, јачменот, интегралниот леб, овошјето, зеленчукот и слаткиот компир.

Кога ќе ги поделиме на овој начин, веќе е јасно која од овие две групи храна е подобар извор на витамини, минерали и влакна. Храната од цело зрно, овошјето и зеленчукот имаат поголема нутритивна вредност и содржат растителни влакна за кои е потребно подолго време да се сварат. Како резултат на тоа, тие му помагаат на вашето тело да црпи повеќе енергија и подолго време да не развива чувство на глад. Овие добри јаглехидрати уште се нарекуваат и сложени јаглехидрати.

Простите јаглехидрати пак, од друга страна, се нутритивно сиромашни. Она што им недостига од аспект на витамини, минерали и влакна, тие го надоместуваат со шеќер – и тоа во големи количини. Откако ќе внесете прости јаглехидрати нивото на шеќер во вашата крв брзо ќе се покачи што ќе ви даде енергија, но потоа исто така брзо ќе се симне и ќе предизвика чувство на умор и глад.

Сепак, во здравата исхрана има место и за некои од овие лоши јаглехидрати. Во моментите кога ви е потребно брзо да го подигнете нивото на енергија, како на пример 15 минути пред вежбање, можете да ги искористите енергетските својства од некое брзо сварливо, сиромашно со влакна колаче или можеби некое „добро“ суво овошје. Но, трудете се да не доаѓате во вакви ситуации.