Руските фудбалери Кокорин и Мамаев осудени на година и пол во затвор

Руските фудбалери Кокорин и Мамаев осудени на година и пол во затвор

Руските фудбалски репрезентативци Александар Кокорин и Павел Мамаев се осудени на година и пол затвор поради хулигански напад и претепување на рускиот политичар Денис Пак во кафе-бар во Москва минатата година.

Во инцидентот бил вклучен и братот на Кокорин, Кирил, како и уште едно момче, па и двајцата заработиле идентична казна како и фудбалерите.

Напаѓачот на Зенит, Кокорин, и играчот од средниот ред на Краснодар, Мамаев, во алкохолизирана состојба го нападнале политичарот затоа што им рекол да бидат малку потивки, по што го претепале. Денис Пак имал потрес на мозокот откако Кокорин со стол го удрил во главата.

Рускиот министер за спорт, Павел Колобков, изјавил дека двајцата осудени фудбалри веќе никогаш нема да заиграат за „Зборнајата“, посебно и затоа што ова не им е прв ваков инцидент.

Тие по елиминацијата на Русија од Европското првенство во Франција во 2016 година направиле инцидент во ноќен клуб во Монте Карло поради што биле исфрлени од националниот тим. Кокорин се извинил, па бил вратен во селекцијата.

Кокорин за Русија има 48 настапи и постигнал 12 гола, додека Мамаев зад себе има 15 настапи за националната селекција.