Роберто Манчини посакува да е селектор на Италија!

„Аѕурите“ неодамна му врачија отказ на селекторот Џампјеро Вентура откако не успеаа да се пласираат на Светското првенство во Русија идната година.

Фудбалската репрезентација на Италија не успеа да се пласира на Мундијалот во Русија и тоа на четирикратниот светски шампион му се случува за прв пат после 60 години. Секако, веднаш после неуспехот му беше врачен отказ на Вентура, а од тогаш до денес Италија нема назначено селектор.

Италијанските медиуми шпекулираат околу неколку тренерски имиња, а со селекторското место во националната селекција се поврзуваа имињата на Карло Анчелоти и Роберто Манчини. Токму Манчини деновиве проговори околу тие шпекулации и порача дека би му било чест да ја води фудбалската репрезентација на Италија.

„Да се биде селектор на сопствената држава е крајната цел на секој тренер. Би ми било голема чест да ја водам Италија“, изјави искусниот тренер Роберто Манчини.