Рашфорд е новиот херој на Јунајтед

Рашфорд е новиот херој на Јунајтед

Маркус Рашфорд е младиот крилен напаѓач кој издоминира во првото полувреме на мечот од англиско дерби кое го одиграа Манчестер Јунајтед и Ливерпул на „Олд Трафорд“, кое значително му припадна на домашниот тим.

Манчестер Јунајтед беше многу подобар тим во првиот дел и со двата гола на Маркус Рашфорд обезбеди предност од 2:0, а пред паузата водството можеше да биде и уште поубедливо бидејќи Хуан Мата од непосредна близина имаше обид за „ножички“ кој сепак заврши неуспешно. За разлика од првиот дел, вториот комплетно им припадна на гостите кои напаѓаа во текот на сите 45 минути, а одлуката на Мурињо да го брани водството стекнато во првиот дел на крајот можеше да му се одбие од глава.

Баји со несреќен автогол го врати Ливерпул во игра 66-та минута, а Ливерпул во продолжение жестоко го напаѓаше противничкиот гол, иако не успеа ниту еднаш посериозно да го тестира Де Хеа. Шпанскиот голман успеа да ја сочува својата мрежа и во лудиот финиш во кој се играше со отворен гард и имаше неколку прилики на двете страни, па така Јунајтед оствари голема и значајна победа во битката за второто место на табелата, заминувајќи на плус пет во однос на денешниот ривал Ливерпул.