ПсихоФит: Што е потребно да бидете здрава, фит мама ?

ПсихоФит: Што е потребно да бидете здрава, фит мама ?

Многу често во медиумите можеме да сретнеме содржини кои ги промовираат фит телата на младите мајки веднаш или неколку месеци по породувањето. Додека тие велат дека зад сето тоа стои напорен тренинг за време и по бременоста, многу критичари се сомневаат дека станува збор за фотошоп или некои хируршки зафати. Која е вистината?

За жените исто така важи правилото: мотивација, дисциплина, напорна работа и посветеност. Бременоста сама по себе го менува телото и од повеќе фактори зависи колку време ќе му биде потребно на телото за да се врати во првобитната состојба по бременоста. Многу често младите мајки сакаат за кратко време по бременоста тие да имаат фит тело, што е можно, само ако за време на бременоста и пред бременоста се занимавале со некаква активност. Не велам дека ако почнат подоцна нема да има позитивен ефект, но за да се постигне посаканата цел ќе биде потребно повеќе време.

Најголемата причина поради која жените одлучуваат да бидат комплетно пасивни непосредно пред бременоста, за време и одреден период после неа е поради неинформираноста. Голем дел мислат дека на некој начин можат да му наштетат на фетусот. Денес клиничките истражувања укажуваат дека физичката активност за време на бременоста е нешто кое треба секоја жена да го практикува. Докажано е дека контролираната физичка активност (за жени кои биле претходно пасивни – низок кон умерен интензитет, а за жени кои биле константно активни – умерен кон висок интензитет) нема никаков негативен ефект на фетусот и жената, туку напротив дава само позитивни бенефити од секој аспект кои може да доведат до позитивни промени во животниот стил и после бременоста.

Не се препорачуваат интензивни вежби за време на бременоста ако мајката претходно воопшто немала или имала многу мала физичка активност!

По бременоста женското тело знае да биде драстично различно и тоа негативно да влијае на сликата за себекоја ја имаат жените и нивната самодоверба. Во најлош случај жените се соочуваат и со анксиозни и депресивни чувства затоа  што во последниве неколку години како да постои социјален притисок за изгледот на телото по бременоста. Негативните емоции со кои некои од жените се соочуваат знаат да предизвикаат и други сериозни нарушувања, како што се на пример нарушувањата во исхраната и сонот. Постои уште еден предизвик со кој се соочуваат младите мајки во овој период и кој може негативно да влијае на нивната намера во редовно посетување на теретаната. Тоа е балансот на мајчинството, родителството, партнерскиот однос и работните обврски.

Многу мајки од оваа перспектива мое да почувствуваат и вина или грижа на совест затоа што не се со своето дете или семејството, но сепак треба да се има на ум дека станува збор за одделување на еден час за себе и ангажирање во сопственото здравје.

Физичката активност помага за намалување на болките во `рбетот, контролирање на телесната тежина, подобрување на расположението и помага за превенирање од други компликации; интересно е да се спомене дека помага и во случаеви кај жени кои за време на бременоста добиле гестатионален дијабет (честа појава кај индивидуи кои имале високо ниво на шеќер во крвта), со вклучување на физичката активност потребата од синтетички инсулин се намалувала. Фитнесот (тренингот со отпор) во комбинација со кардио тренингот е одличен избор! Информирајте се, надминете ги стереотипите и бидете активни за ваше добро и доброто на вашето новороденче!

Како мотивација можат да ви служат мајките кои успеваат да најдат време за себе и се ангажираат за сопственото здравје. Најлесен пристап до тоа се социјалните мрежи, што особено е доста интересно како овие жени меѓусебно си влијаат и се мотивираат и е навистина за пофалба. Зошто да не почнете уште од денес? Погледнете ги овие јаки жени како успеваат во тоа! Биди и ти Супер Мама!