ПсихоФит: Психолошки осврт – што е тоа мотивација ?

ПсихоФит: Психолошки осврт – што е тоа мотивација ?

Вчера се откажавте од лифтот и одлучивте сами да се качите до третиот кат? Добро направено! За две недели без проблем успеавте да се качите дури до шестиот кат? Одлично! Веќе почнавте да уживате во малата победа. Додека се одлучуваме да правиме мали чекори кои заедно ќе не однесат кон некоја замислена цел во нас делуваат многу процеси и внатрешни сили. Мотивацијата е поим со кој се објаснува зошто луѓето во определени услови избираат определен начин на однесување. Терминот мотивација е изведен од латинскиот збор movere што значи “да се помести”. Сите ние секојдневно се поместуваме, односно се мотивираме за извршување на нашите активности, а притоа сме мотивирани од внатрешни или надворешни мотиватори. Многу е комплексна мотивацијата во спортот. Колку пати сме слушнале: немам мотивацијане можам да најдам мотивацијаизгубив мотивацијасе демотивирав и останати слични искази. Ако случајно се пронајдовте во овој дел  тогаш честито, имате сосема погрешен пристап кон остварувањето на целта.

 

Што правите погрешно? Грешите уште во моментот кога ја донесувате одлуката затоа што таа најчесто е донесена под моментален импулс. Одлуките да се почне со било каква активност од следниот понеделник, броењето на внесените калории, да се  има квалитетен сон, да се намалат алкохолот и цигарите  се пример што секој од нас барем еднаш си ги ветил на самиот себе но не ги исполнил. Тоа се случува затоа што ние претходно не сме имале поставена цел, а одлуките кои потоа ќе ги носиме да ни служат како алатка кон нејзино достигнување. Се случува да западнеме во уште една замка додека се наоѓаме во овој процес. Тоа е да си поставиме премногу висока цел, а многу често и недостижна. Пример за тоа се преполните теретани, сали за вежбање, стазите за трчање пред почетокот на летото. Да, сите тие луѓе се мотивирале, донеле одлука да бидат физички активни и имаат поставено различни цели но многу често тоа се нереални цели.

Да бидеме реални, не можеме да постигнеме убаво дефинирани мускули само со трчање или одење во теретана три пати неделно, десетина дена пред летниот одмор. Што е тогаш правилно? Правило е дека нема правило, секоја личност има свои внатрешни и надворешни мотиватори  но сепак според повеќето истражувања во оваа област лицата кои што имале јасно дефинирана цел имале повеќе успех во нејзиното достигнување. Како тоа да се постигне? Потребно е прво да имате позитивен став кон промената која што сакате да ја внесете во животот. Позитивниот став го зголемува чувството на самодоверба. Вториот чекор е да си поставиме реални краткорочни и долгорочни цели. Ова е многу важно затоа што преку остварувањето на краткорочните цели посигурно се движиме кон остварувањето на долгорочната цел. Пример за тоа е подготовка за трчање на маратон. Долгорочната цел е трчање на целиот маратон, но за да можеме да ја постигнеме потребната кондиција ние мораме временски да се подготвуваме, да бидеме доследни и константни во одлуката. Следен чекор е да размислиме и да се преиспитаме кои се нашите мотиватори. Секој човек е придвижуван од различни мотиватори. Ако на некој му е потребно лице што постојано ќе го критикува или наградува, на некој друг му е потребно да гледа други луѓе кои работат на иста или слична цел.

Ова особено го објаснува феноменот на групното вежбање за кое ќе пишувам во наредна прилика. Ова не е доволно. Според некои понови истражувања вложувањето во нова опрема исто така влијае врз мотивацијата. Затоа што вложувањето во нешто што ни помага кон остварување на замислената цел ни создава чувство на должност кон самите себе си да се вложиме и ние повеќе и чувство на вина кога не сме доследни. Пример, јас ги криев новите патики за трчање летово додека не можев да трчам поради повреда на коленото. Сетоа тоа се сложени процеси и затоа не е доволно само импулсивно да кажеме: Од следниот месец одам во теретана! Потребно е да размислиме за нашите цели и за тоа што сакаме да го постигнеме, а потоа да бидеме доследни, константни и истрајни.