ПсихоФит: Психологијата на огледалата и “селфи” сликите

ПсихоФит: Психологијата на огледалата и “селфи” сликите

“Чекај! Денес извежбав многу добро, се препотив- морам едно селфи да направам!”

Оваа изјава не ретко ја слушаме можеби од најголемиот процент на вежбачите. Навидум оваа изјава е толку едноставна и делумно нарцисоидна, па не и се придава и толку големо внимание. Што се крие позади селфи сликите од теретаните и салите за вежбање?

Теретаните, салите за вежбање и другите слични установи за таа намена, освен целта за која постојат делат уште една заедничка работа. Огледалата. Да, изобилуваат со огледала. Тоа што тие се поставени кружно и зафаќаат најголем процент од ѕидовите не е случајност и не станува збор за вкусот на дизајнерот на ентериерот. Главната причина е тоа што тие визуелно го зголемуваат просторот. Кога имаме чувство дека вежбаме во голем простор, само со присуството на неколку луѓе се создава илузија дека околу нас има поголем број на луѓе. Тоа чувство дека заедно со повеќе луѓе работиме на иста цел, ја буди компетитивноста (сите се фаќаме на моменти како ги набљудуваме другите околу до нас), се покачува адреналинот, па поголеми се шансите за поголема перфонмнаса во изведбата на вежбите. Групните активности (аеробик, пилатес, зумба) се специфични сами по себе но ефектот на огледалата во салите каде што тие се изведуваат е поинаков. Самата поставеност на огледалата на ѕидот (најчесто е на целиот ѕид, најмалку само на една страна)  им помага на инструкторите да ги набљудуваат сите кои се присутни во салата и обратно, им помага на вежбачите да ги набљудуваат инструкторите од повеќе агли. Взаемното набљудување на инструкторите и вежбачите предизвикува чувство на еуфорија (нешто слично како кога сме на концерт), а со тоа исто така се зголемува мотивираноста и перфонмансата, па затоа многу ретко се случува во текот на таквиот час да се откажат неколку лица и да си заминат.

Огледалата сами по себе знаат да бидат и застрашувачки. Не се сите љубители во сопствениот одраз во огледалото, а тоа особено се однесува на почетниците. Иако нивната намена е да се следи рутината и правилната изведба на вежбата, многу често огледалото им е голема пречка на почетниците. Најголем процент од почетниците се откажуваат од нивната цел затоа што одразот во огледалото кај нив предизвикува чувство на вина и чувство на судење (ова особено се однесува кај лицата со прекумерна телесна тежина). Многу често овие лица се фокусирани во огледалото, а не во моменталното искуство.

Но, бидејќи мене мотивацијата ми е омилена тема, како огледалата служат како мотиватор? Нивната улога на мотиватор можеби и не е толку голема на почетокот но со подобрување на физичката форма, таа со сигурност се зголемува. Менувањето и трансформацијата на нашето тело ни дава можност да видиме за што ние сме способни и колку ние сме спремни да ги тестираме нашите граници. Така се раѓа љубопитноста што е во нашата базична природа, а како тоа најлесно би го следеле освен со поглед во нашиот одраз во огледалото. Тука доаѓа играта на селфи сликите- како мотиватор.

Секојдневно на социјалните медиуми како што се Instagram и Facebook гледаме селфи фотографии од спортисти, посветени вежбачи и “кежуал вежбачи”. За многу голем процент на луѓе, особено оние пасивните, овие фотографии се голема мотивација за прв пат во животот да им одолеат на Сникерсот или Нутелата. Исто така, овие фотографии се мотиватори за самите лица кои стојат пред огледалото. Со самото фотографирање, се доловува еден момент, една форма, се следи тек, се следи вложен напор. Особено ова важи кај оние кои многу време и напор посветиле за работа на себе си. Тогаш овие фотографии стануваат наш личен фото- дневник за тоа како нашата намера “ќе почнам од следен понеделник” станала наша рутина, план и цел.