ПсихоФит: Откријте од каде потекнува вашиот зголемен апетит

ПсихоФит: Откријте од каде потекнува вашиот зголемен апетит

Дали храната ја доживувате како средство за задоволување на основните телесни потреби за да се одржите во добро здравје? Или таа е ваша награда, утеха, дел од социјалните активности? Ако сакате да се изборите против проблемот со зголемен апетит ќе мора прво да ја лоцирате причината.

Главни психолошки причини за појава на зголемен апетит

Колку често ви се случува да се затекнете во состојба во која сте прејадени, а не сте го планирале  ниту сте го сакале тоа? Можеби сте дозволиле да прегладните и потоа да претерате со храната, но многу е можно тоа да се случило од 2 главни психолошки причини – желба за социјализација и утеха или награда за нешто што ви се случило или ви претставува грижа.

Желба за социјализација

Во нашата култура храната има централно место во социјалната интеракција. Многу често се сретнуваме со пријателите, роднините или со партнерот на оброк, мезе или десерт, а тоа е особено изразено во периодот околу празниците. Полната трпеза значи добро дружење, а во тој случај е тешко да се издвоите од групата.

Ако не учествувате во овие „ритуали“ тоа ќе значи дека не учествувате во дружењето. А ако се вклучите, шансите се големи дека ќе изедете многу повеќе од тоа што сте сакале, што е резултат на лажно чувство на зголемен апетит кое доаѓа од желбата за активно учество во социјалните активности. Ова е генерален проблем со кој се борат повеќето од нас, но особено е тешко за оние кои се трудат да се ослободат од вишокот килограми.

За да се справите со зголемен апетит во вакви ситуации кога можеби и воопшто немате потреба од храна, обидете се да организирате социјални интеракции кои не вклучуваат храна. А во ситуациите кога храната е неизбежна, можете да побарате од некој ваш близок да ве потсетува да го контролирате апетитот и да не се прејадувате.

Барање утеха или награда во храната

Втората голема психолошка причина за појава на зголемен апетит е поврзувањето на емоциите со храната. Многу луѓе се вртат кон храната во ситуации на стрес, анксиозност, депресија, или возбуда. Тогаш таа станува средство за смирување и справување со емоционалните состојби. Имајќи го во предвид стресното време во кое живееме, ова лесно може да резултира со сериозни здравствени нарушувања како што е дијабетес, хипертензија и слично.

Ако сте забележале дека некоја од овие состојби ве поттикнува на консумирање поголема количина на храна, свесно побарајте начин да ја замените оваа навика со поздрава и поконструктивна алтернатива. Вежбањето е одличен лек за ова и е првото решение кое ви го препорачувам. Но, можете многу да си помогнете и со обична прошетка, со средување на просторот во кој се наоѓате, со читање, пишување, слушање музика, цртање и сè она што може успешно да ви ги оттргне мислите од храна во ваквите ситуации.

Најважно е да откриете која е причината за појава на чувство на зголемен апетит кога физиолошки на телото не му е потребна храна. Тогаш ќе можете да направите план како да се справите со тоа. Изградете нова врска со храната, онаква во која таа ќе биде ваш лек и извор на енергија и не се оптеретувајте со она што било претходно. Сетете се дека највисоките врвови ги освојуваат оние планинари кои не се вртат надолу кон она што поминало.