ПсихоФит: Мускулна дисморфија или бигорексија – Колку “голем” сакаш да бидеш?

ПсихоФит: Мускулна дисморфија или бигорексија – Колку “голем” сакаш да бидеш?

Постојано сме под влијание на разни трендови кои најчесто ни ги наметнуваат медиумите. Забележувам дека и здравиот начин на живот стана нов тренд. Многу луѓе на тој начин стануваат свесни за сопственото здравје. Поентата на здравиот начин на живот е во здравите мисли. Од главата се почнува. Медиумите освен што не бомбардираат секојдневно со новите трендови во светот, тие исто така на еден специфичен начин ја градат и нашата слика за себе и за тоа што е здраво тело. Идеалите и критериумите за убавина се менуваат но некои остануваат константни низ годините наназад, а тоа особено се однесува на жените кои упорно се изгладнуваат и се обидуваат да влезат во конфекциски број 38. Што се случува со мажите? Тие некогаш беа исклучени од овие трендови, но во последниве две децении забележано е дека мажите исто така стануваат загрижени за сопственото здравје и изглед. Ако на нас жените медиумите ни порачуваат дека не сме доволно слаби за да бидеме здрави, на мажите им порачуваат дека немаат  доволно мускули за да бидат здрави. Погледнете ги преполните теретани и јасно ќе ви биде за што зборувам. Едно истражување во Велика Британија покажало дека 1 од 10 мажи кои константно вежбаат во теретаните имаат нешто заедничко.

Истражувачите претпоставиле дека кај овие мажи кои најчесто се на возраст од 20 до 35 години постои нарушување кои се нарекува мускулна дисморфија или бигорексија. Ова нарушување во круговите на психологијата е контроверзна тема, а психолозите го објаснуваат како нарушување кое е спротивно од анорексијата. За разлика од лицата кои имаат анорексија (поголем број се жени, но не се исклучени и мажите; сметаат дека не се доволно слаби), лицата кои што имаат бигорексија сметаат дека не се доволно големиодносно дека немаат доволно големи мускули. Мажите кои имаат бигорексија се наоѓаат во една многу тешка и специфична состојба која освен што им го отежнува функционирањето на психички план исто така им го отежнува и секојдневното функционирање во средината. Етиологијата на ова нарушување не е доволно позната затоа што нема голем број на истражувања кои го истражуваат, но се претпоставува дека можеби станува збор за генетски фактор или за нарушена биохемиска функција на мозокот. Не се исклучува и важноста на стресните животни ситуации и разните животни искуства кои некогаш можат да имаат улога на тригер во јавувањето на бигорексија. Како предиспозиција за бигорексија е и нарушената слика за себе, ниската самодоверба и креирање на лажна слика за себе и сопственото тело (кое често е недостижно затоа што е нереално). Бигорексијата не се јавува веднаш и постојат знаци кои можат да бидат аларм дека нешто посериозно се случува.

Кои се типичните обележја на бигорексијата?

  • Проверување во огледало. Во просек во текот на денот пред огледало застануваат 12 пати. Тука не станува збор за обично набљудување на сопствениот лик во огледалото туку набљудување на мускулите на телото, а понекогаш на сите мускулни групи одделно.
  • Избегнување или одложување на важни настани. Кај лицата кои страдаат со бигорексија многу страда нивниот социјален живот особено нивните партнерски и блиски врски. Тренингот и вежбањето во теретана им е на прво место и во никој случај тие не би направиле поместување во нивниот распоред. Многу често ги пропуштаат роденденските прослави на блиските, останати прослави како што се свадбите и славите, потоа важните обележја со партнерите како што е годишнина и друго.
  • Ригорозни диети. Здравата исхрана исто така им е на прво место. Тие секогаш го имаат пресметано дневниот внес на протеини и јаглехидрати и не би дозволиле да се најдат во ситуација каде што овој ред би им бил нарушен. Затоа овие лица многу ретко речиси и никогаш не се хранат во ресторани или на други места (семејни ручеци и вечери, романтична вечера со партнерката) затоа што таму немаат увид во состојките и начинот на припремање на храната.
  • Споредување со другите. Секогаш себеси во споредба со другите мажи во теретаната се сметаат за слаби и инфериорни. Секогаш другите се подобри. Секогаш другиот има подобро дефинирани мускули на рацете. Уверени се дека мора да изгледаат на одреден начин за да чувствуваат привлечно, моќно и успешно.
  • Стероиди. Често одат рака под рака со бигорексијата. Со стероидите се прави шок на организмот, страдаат најмногу црниот дроб, бубрезите и срцето, а на психички план се јавува и агресија.
  • Телесна маса. Опседнатост со телесната маса, со тенденција постојано да се зголемува истата.
  • Игнорирање на повреди и забрани од лекар. Овие лица во никој случај не би дозволиле една обична повреда да го наруши нивниот распоред, а на забраните од лекарите не им даваат големо значење.

Мажите кои имаат бигорексија никогаш нема да признаат дека имаат ваков проблем затоа што немаат доволно јасен увид. Тие имаат голем проблем со самодовербата. Никогаш не се задоволни со својот изглед и никогаш нема да се фалат со истиот затоа што сметаат дека не се доволно привлечни. Тие ќе избегнуваат ситуации каде што ќе треба да го покажат своето голо тело како што се на пример разните натпревари. Истражувањата покажале дека 29% од мажите со бигорексија имале анксиозно пореметување, а 59%  имале некој друг облик на пореметување на однесувањето. Во најлош случај се јавува депресија, злоупотреба на стероиди или суицид.

Стручниот пристап кон бигорексијата покажал позитивен исход. Како корисни се покажале многу психотерапевтски правци, а како најефикасен за бигорексијата е когнитивно бихејвиоралниот пристап. Секако подршката од најблиските и социјалната средина се клучниот фактор.