Приновата на Mercedes-AMG C63 ќе биде хибридна

Приновата на Mercedes-AMG C63 ќе биде хибридна

Mercedes-AMG мора да се придржува до поострите мерки за емисија на гасови, па за таа цел, директорот Тобијас Моерс открил дека следниот AMG C63 ќе биде хибрид.

Моменталната генерација C63 ја придвижува 4,0-литарски твин-турбо V8 со 476 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, додека најсилната S верзија има 510 коњски сили и 700 Nm вртежен момент.

Претставен на саемот во Њујорк, унапредениот AMG C63 за 2019 година има нов деветстепен автоматски менувач (наместо досегашниот седумстепен), додека ентериерот е збогатен со мултимедија со 12,3-инчен екран.

Моерс не открил повеќе детали околу идниот хибриден погон, но звучел исклучително оптимистично по повод електрификација на возилата, говорејќи за “интелигентен хибриден систем”.

“Сигурен сум дека ќе го пронајдеме вистинското решение по тоа прашање”, изјавил Моерс.

Директорот на AMG одделението најави и погон на сите четири тркала за следната генерација C63, слично на она што BMW го направи со новиот М5, претставувајќи го системот M xDrive.

Меѓутоа, актуелниот C63 уште долго ќе биде на пазарот, а освежената верзија ќе се појави дури на пролет 2019 година, што значи дека хибридната генерација ќе заживее дури наредната деценија.