Орие открива зoшто го напушти ПСЖ

Серж Орие, најпознатиот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, кон крајот на летниот преоден рок се пресели од ПСЖ во Тотенхем.

Иако беше меѓу најдобрите на теренот, сепак надвор од него Орие беше еден од најпроблематичните, па поради несогласувањето со управата и тренерот на клубот, тој реши да го напушти „Паркот на принцовите“ и да се пресели во Тотенхем.

„Сакав да направам нов чекор затоа што ПСЖ не ме почитуваше толку колку што вредам. Со клубот освоив девет трофеи и мислам дека бев најдобар техничар меѓу одбранбените играчи во француското првенство од 2013-та година до денес. Жал ми е што во преден план се ставаа лошите работи, а моето фудбалско знаење беше во сенка на тоа“, изјави Орие и додаде:

„ПСЖ сакаше да ме задржи и ми понудија тригодишен договор кој што го одбив. Го слушав моето срце и проценив дека е време да одам на некое место каде што ќе ми биде подобро. Се определив за Тотенхем и мислам дека немам погрешено. Сакам да откријам нов начин на живот“, изјави Орие.