Нови факти за фудбалскиот натпревар Вардар – Реал Сосиедад!

Вечерва во 19 часот, екипата на Вардар е домаќин на Реал Сосиедад во натпревар од третото коло од групата „Л“ во Лигата на Европа.

Еве неколку интересни факти поврзани со двата тима или двете држави од кои доаѓаат тимовите кои ќе истрчаат на теренот на „Филип Втори“ во Скопје.

– Овие два тима за прв пат се среќаваат меѓусебно. До сега Вардар се нема сретнато со шпанска екипа, ниту, пак, Реал Сосиедад има играно против македонски тим. Единствено Селта Виго играл против Пелистер во рамките од Интер-тото Купот, и на два пати Шпанците триумфирале

– На фудбалски план, Македонија нема победа над Шпанија

– Младинските репрезентативци на Вардар Бобан Николов, Бесир Демири и Дарко Велковски оваа година настапија против Шпанија на европското првенство до 21 година. За Шпанците, пак, од тимот на Реал Сосиедад на таа средба играше само Микел Ојарзабал кој што влезе во второто полувреме

– Ова е прв настап на Реал Сосиедад во групната фаза од Лигата на Европа, откако во минатото играше само во групите од Лигата на шампионите

– Вардар ги чека првите бодови во групната фаза од Лигата на Европа

– На последните шест гостувања, Реал Сосиедад има пет порази и една победа. На последните четири домашни натпревари во Европа, Вардар има три победи и еден пораз

– Вечерашниот натпревар ќе го суди Алијар Агајев од Азербејџан. Тој има судено на Вардар во дуелот со АПОЕЛ во 2015 година кога во Никозија нашиот тим одигра без голови во првиот натпревар од 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите

– Реал Сосиедад вечерва го игра својот 71-ви натпревар во Европа. Во досегашните 70 тимот од Сан Себастијан има 28 победи, 16 нерешени средби и 26 порази со гол разлика од 84:87. Вардар, пак, вечерва го игра својот 65-ти меч во Европа. До сега „црвено-црните“ имаат скор од 16 победи, 16 нерешени средби и 32 порази со гол разлика 32:65

– Играњето во групната фаза во Лигата на Европа е најголемиот успех на Вардар на меѓународна сцена во историјата. Најголемиот успех, пак, Реал Сосиедад го има направено во сезоната 1982/83. Тимот од Шпанија тогаш настапуваше во полуфиналето од Лигата на шампионите (тогашниот Куп на шампиони), и беше елиминиран од Хамбургер, подоцнежниот шампион во ова натпреварување