Нокиа го враќа “PureView”

Нокиа го враќа “PureView”

Според гласините, наредниот „флегшип“ телефон на Нокиа би требало да ја носи ознаката “PureView”.

Станува збор за ознака која што им е добро позната на љубителите на телефоните на Нокиа, брендот од Финска кој што некогаш беше прва асоцијација за мобилен телефон. Старите Нокиа телефони кои што беа опремени со најдобрата камера која што компанијата можеше да ја понуди ја носеа ознаката “PureView”, што открива во која насока ќе се движи новиот телефон на Нокиа.

Компанијата “HMD” која што е сопственик на правата на Нокиа, веќе успеала да го обезбеди “PureView” заштитниот знак, што значи дека новиот телефон ќе ја носи ознаката Nokia 9 PureView, односно ќе пристигне со веројатно најдобрата камера на пазарот.

Според гласините, маркетиншките активности наскоро ќе започнат, што значи дека претставувањето на телефонот нема да биде одложено за следната година, туку најверојатно ќе се појави во последното тромесечие од оваа година.

Засега се претпоставува дека на 4-ти октомври ќе биде претставен Nokia 7.1 Plus, а многумина сметаат дека на евентот закажан за 11-ти октомври ќе биде претставен и уште подобриот модел Nokia 9 PureView.

„Деветката“ која што ќе ја носи ознаката “PureView” најверојатно ќе пристигне со пет камери на задната страна – според гласините, Light, SoftBank и Leica се здружиле на развојот на „мулти-камера“, а во целиот развој биле вклучени и од FIH Mobile, фабрика во која се произведуваат новите модели на Нокиа.

Освен “PureView”, од “HMD” исто така ја заштитиле и ознаката “PureDisplay”, што значи дека оваа ознака ќе биде користена кај идните генерации на паметни телефони на Нокиа.