Независните филмски работници добија рамноправна субвенција

Независните филмски работници добија рамноправна субвенција

Независните филмски работници и официјално добија рамноправна субвенција во рамките на изгласаната Уредба на вчерашната владина седница со која законски се утврдува финансиската поддршка на “филмските работници за време на вонредна состојба”. Одобрувањето за пренамената на средства од Агенцијата за филм со цел доделување на еднократна помош на независниот филмски работник е разбирање за неговиот статус и борба за одржување на овој специфичен кадар.

Друштвото на филмски работници (ДФРМ) и Агенцијата за филм на РСМ уште на самиот почеток на вонредната КОВИД 19 криза, апелираа до Владата на Република Северна Македонија, преку матичното Министерство за култура за поддршка на филмските работници. Оваа иницијатива имаше за цел пред сè, да укаже на специфичната природа на ангажманот на филмските работници кои егзистираат единствено од независни филмски проекти.

Во заедничката иницијатива јасно се дефинирани професиите кои сè спаѓаат во оваа група работници од: режисер, помошник режисер, костимограф, монтажер, организатор на снимање, продуцент, фарист и многу други единствени занимања кои би биле квалификувани за доделување на субвенцијата – исплата на две минимални нето плати  – од 14.500 денари, односно вкупно 29.000 за двата најкризни месеци: арил и мај. Во меѓувреме формирана е и Комисија, која преку јавен повик ќе ги разгледуваат барањата за финансиската помош со уште подетални квалификации за оваа поддршка, меѓу кои и:

  • работникот да остварува приход единствено од работа на филм, 
  • да има работено на 3 професионални филмови во последните 5 години, финансиран од страна на Агенција на филм на РСМ, и 
  • активно да работел на филм во последните 5 години.