Најлуксузниот Lincoln Continental ќе чини преку 100.000 долари

Најлуксузниот Lincoln Continental ќе чини преку 100.000 долари

„Lincoln“ претстави специјална, продолжена верзија на својата луксузна лимузина со задни врати кои се отвораат во спротивна насока од предните.

„Lincoln Continental – 80th Anniversary Coach Door Edition“ го прославува минатото на американската лимузина, а во план е во 2019-та да бидат произведени 80 примероци од овој модел.

Ексклузивната верзија веќе на прв поглед се разликува од обичниот „Continental“ по специфичните задни врати кои се отвораат наназад, со што на патниците им се олеснува пристапот до комфорните задни седишта.

Суперлуксузниот ентериер е опремен со специјални седишта со систем за подесување на дури 30 начини, со што се овозможува секој да заземе идеална положба за време на возењето.

Тука е уште и системот за активна контрола за надворешниот шум, како и премиум аудио уредот „Revel Ultima“.

За патниците кои се возат позади да уживаат во максимален комфор, „Lincoln“ наместо класичната „клупа“ постави конфигурација од 2 седишта во форма на фотељи, додека меѓуосовинското растојание е продолжено за 15-тина cm.

Под хаубата се наоѓа 3.0-литарски „V6 twin-turbo“ со 406 ks (298 kW) и 542 Nm.

Светската саемска премиера на овој специјален „Lincoln Continental“ ќе се случи на саемот за автомобили во Детроит кој започнува од 14-ти јануари, а цената ќе изнесува преку 100.000 долари, што е двојно повеќе во однос на основниот „Continental“ кој чини од 46.145 долари.