Модриќ им ја посвети „Златната топка“ на тројца играчи

Модриќ им ја посвети „Златната топка“ на тројца играчи

Лука Модриќ го доби најголемото можно индивидуално признание, а на тој начин стави крај на една десетгодишна доминација за која беа задолжени Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

„Франс Фудбал“ на вчерашната свечена церемонија во Париз му ја додели „Златната топка“ на хрватскиот маестро и го направи првиот играч кој го освоил ова признание по двете најголеми ѕвезди, но Лука и по добивањето на толку посакуваното признание, докажа дека цврсто стои на земја и покажа дека скромноста е она што исто така го прави поразличен од сите други.

Хрватот при обраќањето наброја тројца фудбалери кои во минатото ја заслужија „Златната топка“, а не ја добија поради Кристијано и Лео, па порача дека оваа негова награда оди и за нив.

– Овие двајца (Роналдо и Меси) беа на неверојатно ниво во изминативе десет години. Во минатото имаше фудбалери кои исто така заслужија да ја освојат „Златната топка“. Играчи како Чави, Иниеста или Снајдер, но тоа не беше така. Најверојатно луѓето конечно сакаа нешто поинакво, бараа нешто поинакво. Мислам дека ова вечерва е победа на фудбалот. Среќен сум што јас сум победникот, но оваа награда оди и за оние кои заслужија да ја освојат, но не успеаја во тоа, – порача Модриќ кој со својата изјава ги освои сите симпатии во јавноста.