Марсијал стави потпис на нов договор со Јунајтед

Марсијал стави потпис на нов договор со Јунајтед

Агентот на Антони Марсијал беше голем скептик за продолжување на верноста меѓу неговиот клиент и Манчестер Јунајтед во ситуција кога менаџер беше Жозе Мурињо, но по големата тренерска промена која се случи на „Олд Трафорд“, брзо пристигнаа позитивни вести на оваа тема за двете страни.

Пристигнувањето на Оле Гунар Солскјер значеше многу за францускиот крилен напаѓач, не само поради довербата која му ја укажува, туку и поради напаѓачката филозофија која ја негува Норвежанецот, игра во која посебно до израз може да дојде фудбалер со карактеристики како Марсијал.

Поради тоа, Французинот одлучи да стави крај на сите шпекулации за својата иднина, па така ставајќи потпис на новиот договор со клубот, се обврза на верност до 2024 година.

– Уживам во моето време во овој клуб. Уште од првиот ден кога се приклучив тука, се чувствувам како дел од семејството на Јунајтед. Навистина сум почестен од топлината и љубовта од фановите кои непрекинато ме поддржуваат. Сакам посебно да му се заблагодарам на Оле Гунар Солскјер и неговиот стручен штаб што веруваа во мене во тешките моменти и што ја одведоа мојата игра едно ниво погоре. Овој клуб е создаден да освојува трофеи и сигурен сум дека следната титула е многу блиску, – порача Марсијал откако стави потпис на договорот.