Лозано го крена ”Борис Трајковски” на нозе!

Лозано го крена ”Борис Трајковски” на нозе!

Салата Борис Трајковски вчера беше премала за да ги собере сите фанови на Лозано на неговиот прв голем солистички концерт по дури 10 години од почетокот на неговата кариера.

Насмеани лица од сите возрасти, од 9 до 99 години, со нетрпение го очекуваа на сцената да излезе, моментално најдобриот машки вокал и миленикот на македонската публика, Влатко Лозаноски. Девојките, разбирливо во поголем број, го пречекаа со насмевки во првите редови, а тој ја отвори вечерта со својот најголем хит „Километри“, по што со громогласен аплауз беше поздравен од целокупната публика. Емоциите и возбудата беа присутни речиси на целиот концерт, а Лозано не изостави дури неколку пати да нагласи колку е пресреќен за љубовта која постојано ја добива од својата публика.

Се редеа сите најголеми хитови како: Душо варљива, Како тебе нема друга, Кога мене ќе ме немаш, Обичен без тебе, Врати ме, Мандарина, Има ли… и уште многу други, а публиката со вресоци ја дочекуваше секоја наредна песна. Со „Јако, јако“ успеа публиката да ја крена на нозе, а со „Бонбона“ им пееше на сите „бонбони“ во публиката.

Со многу емоции најавувајќи ја како песна, за личност која е секогаш тука за нас и кога сите други ќе заминат, во еден глас со публиката ја запеа и најновата „Мајко“ додавајќи дека за само две недели песната стана вистински хит, на што публиката му возврати до громогласен аплауз.

На сцената Лозано не беше сам, како специјални гости се појавија браќата Мартин и Стефан од дуото „Next Time“ и долгогодишниот композитор Николa Мицевски со кого заедно ја исполнија одличната преработка на песната „Ја излези Ѓурѓо“. Откако набрзина успеа да ја промени гардеробата, и Лозано им се придружи на сцената, па заедно ја завршија песната за сите „Македончиња“. Браќата Филиповски, од се срце му го честитаа првиот концерт и му посакаа уште многу такви, а од самиот израз на лицата се гледаше колку се горди на својот пријател и колега.

Сепак, најемотивниот момент се случи кога Влатко ја запеа „Сонце не ме грее“, песна за која и самиот рече дека му е како лична карта, и песна која некако му ја одбележала кариерата, па побара сите присутни да ги уклучат мобилните телефони. Ѕвезденото небо, но и звуците на саксафонот, оваа балада и целата атмосфера ја направија уште по магична.

Како ретко досега, Влатко успеа да ги собере и поголемиот број на колеги од естрадата, кои дојдоа да му изразат почит и поддршка за неговиот прв солистички концерт. Меѓу оние во салата можеа да се видат Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Антонија Гиговска, Весна Петрушевска, Теа Трајковска, Панчо, Димитар Андоновски и многу други.

По два часа неуморно пеење, публиката која не сакаше да си замине го врати на повторен бис, па уште еднаш ги изведе неповторливите „Километри“ и „Јако, јако“. По теркот на светските ѕвезди, концертот го заврши со заедничка фотографија на сите учесници и публиката, и со тоа направи историја.

Беспрекорно подготвен како да имал безброј концерти позади себе, со целиот тим на професионалци на сцената, Лозано направи концерт кој, како што вели и неговата песна уште долго ќе се памти и прераскажува.