Ливерпул изби на првото место

Ливерпул изби на првото место

Ливерпул мораше да прави пресврт на гостувањето кај Барнли за да стигне до планираните три бода, но ова попладне имаше далеку полесна задача на гостувањето на „Виталити“ стадионот кај Бурнмаут, бидејќи покрај расположениот Салах, на своја страна го имаше и катастрофалното издание на Кук.

Несреќниот дефанзивец на Бурнмаут кумуваше во три од четирите гола кои ги постигна гостинскиот тим на овој натпревар, бидеќи покрај еден автогол, на двапати му ја подари топката на Салах за да стрела во мрежата на Беговиќ. Египќанецот беше немилосрден во дадените ситуации и мајсторски реализираше по грешките на Кук, а претходно во првиот дел го отвори и резултатот во една ситуација кога се наоѓаше во офсајд.

Без разлика на овој превид на судијата, Ливерпул беше повеќе од доминантен и со трите гола во вториот дел ја потврди уверливата победа од 0:4, триумф со кој сега се искачи на првото место на табелата во исчекување на големото дерби меѓу Челси и Сити кое е на програмата вечерва.