Lenovo Z5 Pro GT пристигнува со најновиот процесор и 12 GB RAM

Lenovo Z5 Pro GT пристигнува со најновиот процесор и 12 GB RAM

Спецификациите на телефонот кој Lenovo го претстави деновиве се навистина импресивни – најмоќниот модел доаѓа со Snapdragon 855, има 12 GB RAM и 512 GB интерна меморија.

Lenovo го претстави најмоќниот паметен телефон досега кој што пристигнува со најновата и најмоќна генерација на процесори на Qualcomm. Моделот Z5 Pro GT веројатно ќе биде првиот паметен телефон кој ќе може да се купи со процесорот Snapdragon 855, а би требало веќе следниот месец да се појави во продажба на кинескиот пазар.

Што се однесува до останатите спецификации – тие исто така изгледаат импресивно. Освен најновиот процесор, новиот телефон на Lenovo ќе биде опремен со дури 12 GB RAM и 512 GB интерна меморија.

Z5 Pro GT ќе пристигне со екран со дијагонала од 6,39 инчи, а добра вест е за сите оние кои што не сакаат “notch” – овој уред нема да има такво нешто, туку предната камера е сокриена под механизам на лизгање.

Новиот телефон на Lenovo ќе има сензор за отпечатоци на прсти сместен под самиот екран, на задната страна има две камери со резолуција од 16 и 24 мегапиксели, додека на предната страна исто така има две камери од 16 и 8 мегапиксели. Од останатите спецификации, треба да се напомене и капацитетот на батеријата кој што изнесува 3350 mAh, како и 3,5 мм влезот за слушалки.

Покрај оваа верзија која што ќе биде најмоќна, се очекува Lenovo да претстави уште две верзии кои ќе бидат со помали димензии и секако, со помала RAM и интерна меморија. Најмоќната верзија на кинескиот пазар ќе се продава по цена од околу 650 долари.