Леклерк потпиша повеќегодишен договор со Ferrari

Леклерк потпиша повеќегодишен договор со Ferrari

Првата година на соработка помеѓу Ferrari и Чарлс Леклерк беше повеќе од успешна, што беше мотив италијанскиот тим да му понуди на младиот возач од Монте Карло нов повеќегодишен договор. На два дена пред Божиќ беше објавено дека Леклерк ќе вози за Ferrari до минимум 2024 година.

Откако ја одработи својата дебитантска сезона во Заубер во 2018 година, Чарлс Леклерк пристигна во Ferrari на почетокот на 2019 година. Тој сезоната ја заврши  со седум пол позиции, десет подиуми и две ГП победи. Надминувајќи го учинокот на тимскиот колега, воедно четирикратен светски шампион, Себастијан Фетел, покажа дека не е случајно во Маранело.

Непосредно пред Божиќ, тој доби голем подарок – нов повеќегодишен договор со Ferrari. Леклерк ќе ги брани боите на Ferrari минимум до 2024 година и ова е голема потврда за тоа колку во Маранело се задоволни со неговата прва сезона.

Многу возачи во Светското првенство во Formula 1 се под договор до крајот на 2020 година, па се очекува многу турбулентен пазар, но сега е јасно дека Леклерк нема да биде дел од таа приказна.

„Многу сум среќен што останувам во Ferrari уште пет години. Минатата сезона, возејќи за најпознатиот тим во Formula 1, сè беше како сон. Не можам да дочекам да ја зајакнам таа врска со тимот, по оваа интензивна и возбудлива 2019 година. Со нетрпение очекувам да видам што носи иднината и со нетрпение го очекувам почеток на следната сезона“, вели Леклерк.