Кои се најпосетени светски дестинации во 2017 година?!

Кои се најпосетени светски дестинации во 2017 година?!

Бангкок, Лондон и Париз се најпосетуваните дестинации во светот во 2017 година, според бројот на странските посетители, покажуваат резултатите од годишната анализа Mastercard Global Destination Cities Index.

Според анализите, во контекст на листата на која се застапени 162 најпосетени светски градови, позитивните економски текови, исто така, влијаат на зголемувањето на меѓународните патувања.

Така, податоците за десетте најпосетувани дестинации во 2017 година покажуваат зголемување на бројот на посетители на речиси сите главни дестинации, со исклучок на Сеул.

Со нешто повеќе од 20 милиони странски посетители кои престојувале барем една ноќ, предничи Бангкок, додека бројот на оние кои престојувале во Лондон е нешто помал, односно 19,8 милиони. Во Париз, пак, се забележани 17,4 милиони туристи, што го прави трет град на листата.

Прогнозата за оваа година укажува на продолжување на позитивниот тренд на најпосетените десет дестинации, при што се очекува Истанбул да забележи највисок раст во бројот на посетители, од речиси 20 проценти.

Со оглед на проектираниот раст на посетители од 9,6 отсто, главниот тајландски град Бангкок, најверојатно, ќе ја задржи водечката позиција и годинава. Исто така е наведено дека посетителите во тој град имаат тенденција да останат во просек по 4,7 ноќевања и да трошат просечно по 173 американски долари дневно.