Кирк Даглас го прослави својот 102-ри роденден

Кирк Даглас го прослави својот 102-ри роденден

Во 1999 година Американскиот филмски институт, издаде листа на 50 легенди од златното доба на Холивуд,а денес се живи само тројца: Софија Лорен (84), Сидни Поатје (91) и Кирк Даглас, кој денеска наполни 102 години.

“Ќе имаме забава за семејството и најблиските пријатели. Ќе дојдат сите мои момци и внуци, и добрите пријатели како Џефри Каџберг, Стивен Спилберг и Рон Мајер”, изјавил Даглас.

Барт Ланкастер го издвоил како колега од златното доба на Холивуд кој најмногу му недостасува.

“Ми недостасуваат моите стари пријатели како што е Барт Ланкастер. Го викав Боит, а тој мене Коик. Беше прекрасен пријател, многу ми недостасува”, додал актерот.

Неговата најголема желба за 102-риот роденден му е светот да стане подобро место за живеење.

“Има толку многу нетрпеливост…Сакам луѓето да бидат љубезни едни кон други и да покажуваат повеќе почит”, изјавила холивудската легенда.

Даглас своевремено предупреди на изборот на Доналд Трамп за претседател и на говорот за омраза кон мигрантите.

“Тоа сè уште ме загрижува. Светот е во голем неред и на нам останува да го поправиме, поради нашите деца и внуци. Пукањата станаа секојдневие, од училишта до синагоги. Луѓето се тепаат и убиваат на улиците. Светот е многу поделен и тоа мора да престане”, истакнал Кирк.

На прашањето што преостанало од неговата листа на желби, актерот рекол дека помалку или повеќе ги исполнил сите негови соништа.

“Имав прекрасен живот и имам фантастично семејство. Благодарен сум на сè што ми пружи животот”.