Како започнала идејата за Мовембер?

Како започнала идејата за Мовембер?

Мовембер претставува непрофитабилен проект кој има за цел да ја подигне свеста за машкото здравје, поточно за рак на простата (вториот најчест рак во машката популација), рак на тестиси и машкото ментално здрвје, а неговата симболика е во растењето на брк низ целиот месец ноември. Денеска Мовембер претставува светски феномен во кој учествуваат преку 4 милиони мажи секоја година и собира огромен број на донации кои одат за научните испитувања на полето на ракот на простата ширум светот.

Започнува во 2003 година кога Адам Гарон, еден од ко-основачите на Мовембер заедно со неговиот брат и пријател дискутирале на тема модата во 70-тите, односно нејзиното повторно настапување на сцена во тој период, па од некаде на тапет го извадиле мустаќот и зошто токму тој како една модна алатка на 70-тите не прави камбек. Неколку пива повеќе и предизвикот да се расте брк настапува на сцена.

Името го коваат од сленг изразот за брк во Австралија Мо и го бираат ноември, односно моември како месец. На ова ја додаваат и каузата за зголемување на свеста и хуманоста за машкото здравје, поточно целта е „да се смени лицето на машкото здравје“ и кампањата започнува да се шири во Австралија и Нов Зеланд.

Правилата се едноставни:

1. Се почнува со тасма избричено лице на 1 ноември.
2. За време на целиот месец растеш и негуваш брк.
3. Не се дозволени бради во никаква форма, единствено мустаќи.
4. Мора да се однесуваш како џентлмен низ целиот месец.

Движењето зазема се поголем замав на островот, но откако се прави иницијатива за негово префрлање во северна Америка, кампањата има мали проблеми во пробивањето и прифаќањето од страна на луѓето. По извесно време, мовембер треската започнува и во Америка и Канада и низ целиот свет, а денеска таа претставува најголемата хуманитарна кампања за машкото здравје преку која се собираат огромен број на донации за ракот на простата и тестис.