Јуп Хејнкес сепак не останува во Баерн Минхен!

Искусниот германски тренер Јуп Хејнкес ја отфрли можноста да остане во Баерн Минхен после истекувањето на „привремениот договор“.

Хејнкес се врати во таборот на Баерн Минхен на почетокот на октомври, наследувајќи го Карло Анчелоти. Тој за кратко време го препороди клубот и многумина сега се надеваат дека тој ќе остане и по крајот на сезоната. Сепак, тоа нема да се случи, тврди Хејнкес.

„Останување? Таа опција е целосно исклучена“, изјави 72-годишниот тренер додавајќи дека советувањето на управата на баварскиот клуб е нешто со кое што би сакал да се занимава откако ќе му заврши ангажманот како тренер.

Поради тоа, во Баерн во следните неколку месеци треба да биде одлучено кој ќе биде наследникот на Хејнкес. Како можни кандидати засега се споменуваат Џулијан Најгелсман, Томас Тухел, па дури и Јирген Клоп и Јоаким Лев.