Излезе тизерот за индискиот филм што се снимаше во Македонија – Неверојатно голем одзив!

Излезе тизерот за индискиот филм „Мерсал” кои се снимаше во Македонија во Мај 2017 година. Тизерот има неверојатно голема гледаност на социјалните мрежи и се направени повеќе од 10 милиони прегледни за помалку од 24 часа.

Акциониот трилер „Мерсал” во режија на младиот, но веќе етаблиран индиски режисер Арун Кумар – Атле, се снимаше во Скопје, во Македонскиот народен театар од 1 до 9 мај, со тоа што последниот ден завршните кадри од филмот беа снимени на плоштадот во Скопје.

„Мерсал” го означува влезот во Македонија на една од најголемите продукции во Индија, но и во светот, Боливуд, кој се смета за пандан на Холивуд, иако е далеку поголем со продукција од 2.000 филма годишно.

Влегувањето на Боливуд е плод на долгогодишната работа на македонскиот продуцент Дејан Илиев, кој заедно со локацискиот менаџер од Индија, Натарајан Рамџи, ја основаа продуцентската куќа „МИНД продукција” и го обезбедија снимањето на овој огромен проект во нашата земја.

За тоа за колку голема и сериозна продукција станува збор да кажеме дека на филмот е ангажирана огромна екипа, а снимањето кое започна на 1 февруари, веќе надмина 65 дена снимање, што е незамисливо дури и за холивудските продукции.

Зад филмот стои големата индиска продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс”, која постои од 1976 година и работи во сите регионални филмски индустрии во Индија.

„Мерсал” се снимаше во Индија и во Македонија, а продолжува во Полска, во Краков и во Гдањск. Како што веќе објавивме, завршувањето на филмот продуцентите го најавуваат за крајот на годината.

Факт е дека во Македонија влегоа големи финансиски средства. Филмската екипа од Македонија, која ја сочинуваа 50-тина луѓе беше вклучена во речиси сите сегменти, во продукцискиот дел, потоа сценографија, на која работеше Влатко Зафирковски, костимографија, за која беше ангажиран Раде Василев, шминка, светло, сцена, пиротехника, транспорт. На филмот беа ангажирани 750 статисти кои играа полицајци, новинари, фоторепортери, како и публика, бидејќи сцената која се снимаше кај нас ја претставува сцената што во филмот се случува во еден париски театар.

Потоа, во филмот учествуваа актери, балерини, танчери, кореограф. Се на се над 1.000 луѓе од нашата земја беа вклучени во овој проект.

А покрај хотелите, и многу фирми индиректно, преку набавка на материјали за сценографија, костими, како и ангажмани во изработката, учествуваа исто така во реализацијата на снимањето.

Во Скопје во МНТ, за сите оние кои имаа можност тоа да го видат, се случуваше вистински спектакл, онака како што тоа само Боливуд може да го направи.

Во нашата земја пристигна екипа од 70 луѓе од Индија, предводена од „Шри Тенандал Филмс”, локацискиот гуру Натарајан Рамџи, режисерот Арун Кумар, познат како Атле, но и големите ѕвезди на индискиот филм, Џозеф Виџеи Чандрашекар, како и С.Ј.Сурија, кој освен актер е и сценарист, режисер, продуцент, композитор, пејач. А за тоа колку голема ѕвезда е Виџеи, доволен е податокот дека работниот наслов на филмот(„VJ-61″) го носи токму неговото име и бројот на неговите филмови, бидејќи ова му е 61-от филм на Чандрашекар, кој е познат и како пејач и филантроп, и како тамилски актер кој е исклучително влијателен во својата земја. А како што рекоа и Натарајан Рамџи, но и Дејан Илиев, со ова соработката не завршува, напротив ова е само почетокот на соработка меѓу Македонија и Боливуд.

Во специјалното интервју направено со Рамџи, тој ни најави дека следната година во Македонија ќе се снимаат 20 боливудски филмови. Додека, македонскиот продуцент Илиев изјавува дека веќе се работи на тоа да се донесе следниот боливудски филм, а можно е продуцентската куќа „Тендали” својот следен филм да го снима во Македонија.

Станува збор за многу голем и амбициозен проект, чија потенцијална реализација во Македонија, секако, би го зголемила интересот и на другите земји за снимање кај нас.