#Истражуваме #ЛетоBоМакедонија #Водопади

#Истражуваме #ЛетоBоМакедонија #Водопади

Водопадите на Македонија

На територијата на Македонија постојат многу места кои изгледаат како од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста. Во овој е-маил ви споделуваме неколку од нив.

Сипковски Водопади

Овие седум водопади се сместени во густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини. Два од нив и припаѓаат на Брегалница, а другите пет се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Сипковски Андак. Водопадите се лоцирани во месноста Валевичка Река, а до нив се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.

6

Корапски Водопад

Кањонот на Длабока Река влегува во составот на национален парк „Маврово“ и во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје. Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб, а во горниот тек на реката е формиран прекрасен водопад, со висина од околу 130 метри, кој е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода. Патеката до Корапскиот Водопадот оди по течението на реката, претежно низ шумски предел со импровизирани премини преку реката.

2

Станечки Водопад

Станечки водопад на Козја Река се наоѓа во северниот дел на Осоговските Планини, кај село Станци во близина на Крива Паланка. До самото село Станци во долината на Дурачка Река, води асфалтен пат долг 5 км. Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 км или 30-ина минути пешачење се пристигнува до убавиот Станечки Водопад.

3

Дуфски Водопади

Дуфските водопади, кои се наоѓаат на територија на Реканскиот регион, припаѓаат на Националниот парк „Маврово“. Карактеристична за нив е блескавата вода што паѓа од недогледните карпи во височините.

4

Колешински Водопади

Лоцирани во пазувите на планината Беласица, Колешинските водопади се едни од највисоките водопади во Македонија, со просечна височина од 15 метри, а широчина на падот околу 6 метри. Тие се неизбежна туристична атракција во Струмичкиот регион.

1

Смоларски Водопади

Смоларските водопади се наоѓаат на северните падини на планината Беласица, во долниот тек на Смоларска Река. На дното од водопадите формиран е „џиновски лонец“, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри и широчина 11 метри.

5

Габровски Водопади

Во непосредна близина на Колешинските и на Смоларските Водопади, во пазувите на планината Беласица, се наоѓаат Габровските Водопади. Сместени се веднаш над селото Габрово, по кое и го одбиле името. На оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, а нивната чиста студена вода истекува помеѓу дебелите и разгранети буки. Прекршувањето и паѓањето на водата од еден во друг водопад е тоа што ги прави интересни и различни.

7
***

Посетете ги и уживајте во нивните звуци и убавина!

 

 

Содржината е превземена од Public Room.