Huawei Mate 10 Lite чини 300 евра, а има врвни перформанси!

Huawei Mate 10 Lite чини 300 евра, а има врвни перформанси!

Кинеските смартфони полека но сигурни го преплавуваат пазарот, а компанија која е најприсутна кај нас е Huawei.

Всушност, кога ќе го извадите од џебот многумина ќе помислат дека се работи за поскап уред. Mate 10 Lite има се што имаат скапите телефони од 2018 година: тенок дисплеј во сооднос 18:9, мала рамка одоколу и квалитетна изработка, овој пат од алуминиум. Воедно, целиот телефон е тенок и одлично лежи во раката, а двојната камера во задниот дел нагласува дека тој има и добри фотографски перформанси. Но, дали сето ова е само козметика и дали Mate 10 Lite го заслужува местото во вашиот џеб?

Одлична поставеност на читачот за отпечатоци и генерално лесно управување

Huawei Mate 10 Lite е голем телефон, но не колку што нагласува неговиот 6 инчен дисплеј. Благодарение на тоа што дисплејот е во сооднос 18:9, тој добро легнува во рака, дури и во моите помали дланки. Нормално, ако досега сте имале помал телефон, на пример од околу 5 инчи, ќе треба да бидете попретпазливи, но ќе се навикнете.

Воедно, сите копчиња се грижливо позиционирани за да бидат секогаш на дофат на прстите, а особено многу ми се допаѓа поставеноста на читачот за отпечатоци во задниот дел. Како и да е, дисплејот е повисок од стандардните 16:9, па ако сакате да го симнете центарот за нотификации надолу, препорачувам да користите две раце, зошто лесно може да се лизне од раката. Huawei мисли исто како мене и има вклучено пластична футрола за телефонот во самото пакување, како и заштитна лепенка на дисплејот.

Дисплејот може да се мери и со многу поскапи телефони

6 инчниот дисплеј на Mate 10 Lite е IPS LCD панел, кој има одлични бои и висок контраст. Неговата резолуција од 2160х1080 пиксели го прави доволно остар дури и ако се залепите до него, односно нема да може да ги забележите пикселите. Воедно, нема да имате проблем да видите што има на него дури и на директно сонце, а и аглите на гледање се прилично широки. Многу корисно за ноќните смартфон сесии, тој може и значително да се затемни, а има и Eye Comfort мод, кој ја прави жолтеникава сликата, со цел полесно да заспиете после. Ќе бидам и отворен тука – дисплејот е навистина добар и слободно може да се носи и со смартфоните од највисоките класи.

Од друга страна, не очекувајте којзнае колку гласен звучник. Доволно добар е за зборување на спикерфон и за да го слушнете кога ќе заѕвони, но за максимално квалитетно гледање видеа, препорачувам слушалки. Овде за жал нема стерео звучници. За среќа пак, Mate 10 Lite има 3,5 mm излез, што значи дека на него ќе може да користите и некој подобар пар, доколку го поседувате.

Камерите се солидни, но главен адут е „портрет“ сликањето

Денес скоро секој смартфон од високата класа има две камери и можност за „заматување“ на позадината, со цел фотографиите да изгледаат како да се сликани со професионален фотоапарат. Mate 10 Lite не само што има две камери во задниот дел (16+2 MP), туку има две камери и во предниот дел (13+2 MP), со цел и вашите селфи фотки да изгледаат професионално.

За квалитетот на камерите при стандардно сликање не би имал многу детали да кажувам, бидејќи и не вадат многу детали од сцената. За објавување фотки на Instagram сепак задната камера е и повеќе од доволна, бидејќи со вклучен HDR можат да се извадат доста драматични фотки, а тоа особено важи за предната камера, која вади чисти слики ако ги гледате на вашиот телефон.

Но, како што реков погоре, тука главен адут е портрет модот, кој работи одлично и кај двете камери. Резултатите не се перфектни, но не се ниту перфектни кај iPhone X и Huawei Mate 10 Pro, па тоа и не е некоја забелешка. За споделување на Instagram, сигурен сум дека скоро никој нема да забележи дека имате поевтин телефон кога ќе ги објавите вашите фотографии. Како пример и едно селфи од мене, кое е добро излезено, иако и не знам да се местам многу добро пред објективот (пардон, објективите).

Генерално перформансите се солидни, но се случува повремено забавување

Mate 10 Lite е опремен со Kirin 659 процесор на Huawei, кој има 8 јадра, од кои 4 работат на 2,36 GHz а 4 штедливи работат на 1,7 GHz. Процесорот можеби изгледа импресивно вака на хартија, но во реалноста не очекувајте перформанси на смартфон од високата класа. Како и да е, за поголемиот број на корисници сигурен сум дека телефонот е доволно брз и респонзивен, особено при користење на стандардните апликации како Facebook, Instagram, Twitter, Snapchat и камерата.

Сепак, одвреме навреме се случува телефонот значително да забави за неколку секунди, за што проблемот лежи во софтверот (Android Nougat 7.0 со EMUI 5.1 скин на Huawei). Многу е веројатно дека тој не е целосно оптимизиран и има моменти каде целосно потфрлува. Би било добро Huawei да пушти надградба за овој телефон на Android Oreo 8.0 и EMUI 8, бидејќи тој софтвер го имам тестирано во Mate 10 Pro и таму работи без апсолутно никакви проблеми.

Од друга страна, софтверот ги има сите функционалности кои ги има оваа верзија на Android и е доволно нов за на него да ги добивате сите нови безбедносни надградби, како и најнови верзии на апликации. За таргет групата кул се и достапните теми кои може да симнат од специјална апликација, но вреди да се нагласи дека изборот не е толку широк како кај Xiaomi на пример.

Батеријата издржува цел ден, но телефонот нема брзо полнење

Mate 10 Lite е опремен со прилично голема батерија од 3.340 mAh, која е доволна за да го користите цел ден без да барате штекер, дури и ако го користите малку поагресивно. Она што мене многу ми фалеше е што телефонот не поддржува брзо полнење. Ова е негативно изненадување – поевтиниот Huawei P10 Lite поддржува брзо полнење и дури има и таков полнач во пакувањето. Очекувајте да чекате околу два и пол часа за да ја наполните батеријата од околу 10%.

Телефон кој точно ги таргетира помладите купувачи

Mate 10 Lite е телефон кој е дефинитивно насочен кон помладите купувачи. Има голем дисплеј кој е одличен за гледање видеа (и сторија на Instagram и Snapchat), батерија која може да издржи цел ден и камери кои ќе дадат „професионални“ ефекти на фотографиите. Исто така, со него ќе се чувствувате како да користите многу поскап телефон, бидејќи е изработен од квалитетни материјали (алуминиум) и одлично лежи во раката. Сето ова е високо препорачливо за тинејџерите и помладите купувачи, а особено што цената кај нас изнесува околу 300 евра.

Иво Гиевски / Точка