“Google” денеска слави 20 години од своето постоење

“Google” денеска слави 20 години од своето постоење

На денешен ден пред 20 години, двајца студенти го регистрирале “Google” како приватна компанија, додека пак пред 10 години започна со работа и пребарувачот наречен “Google Chrome”.

Како што наведува британскиот “Metro”, на 4-ти септември 1998 година, двајцата студенти Лари Пејџ и Сергеј Брин одлучиле нивната животна мисија да биде организација на сите информации во светот со цел сите да можат да ги користат.

Оттогаш, “Google” стана место кое на луѓето ширум светот им помага да пронајдат одговори за некои едноставни, но и тешки прашања, а понекогаш дури и некои банални прашања.

Во меѓувреме, “Google” прерасна во империја која на корисниците им помага не само да пристапат до (бес)корисни информации, туку им дава и насоки преку “Google Maps”, помага тие меѓусебно да бидат во контакт преку “Gmail” или ги учи луѓето да врзат вратоврска со помош на снимка од “YouTube”.

“Google” на корисниците им овозможува да комуницираат на повеќе од 100 јазици преку “Google Translate”, како и да истражат места кои никогаш не би можеле да ги видат без “Google Earth”.