Голем проект на Apple за 2020-та година

Голем проект на Apple за 2020-та година

Приближно за две години можеме да очекуваме AR/VR уред на Apple – очилата ќе имаат голема резолуција и бежично ќе се поврзуваат со друг уред на Apple кој ќе има моќен хардвер.

Тим Кук во неколку наврати досега ја пофали „проширената реалност“ како една од технологиите на иднината, а од Apple минатата година на програмерите им овозможија развој на AR апликации за iPhone и iPad, додека истовремено започнаа да кружат гласини дека Apple подготвува AR очила.

Но, ако им се верува на последните гласини, наскоро ќе можеме да уживаме и во VR уред за виртуелна реалност на Apple.

Наводно очилата на Apple кои што ќе имаат футуристички дизајн, ќе имаат 8К резолуција за секое око и ќе бидат независни од компјутерите и паметните телефони. Процесорот и останатиот хардвер нема да бидат сместени во самите очила, туку во посебен уред кој бежично ќе биде поврзан со очилата.

Тој уред ќе ги користи најновите процесори кои што Apple моментално ги развива и кои што би требало да ги заменат процесорите на Intel во компјутерите на Apple, што значи дека можеме да очекуваме одлични перформанси.

Тоа што ќе одлучи за успехот или неуспехот на овие очила на Apple, освен цената, е искуството кое што овој уред ќе го пружи, односно дали на корисниците ќе им овозможи нов и интересен начин на забава, играње и користење на апликации.

За да дознаеме што навистина Apple подготвува, ќе мора да почекаме уште најмалку две години, како што пренесува “Cnet”, затоа што тогаш треба да се очекува Apple да ги пушти во продажба новите очила за проширена и виртуелна реалност.