Фудбалерите го одбраа Ван Дајк за најдобар фудбалер на сезоната, а Стерлинг е најдобриот според новинарите

Фудбалерите го одбраа Ван Дајк за најдобар фудбалер на сезоната, а Стерлинг е најдобриот според новинарите

Напаѓачот на Манчестер Сити, Рахим Стерлинг (24) е прогласен за најдобар фудбалер на сезоната во Англија во изборот на Здружението на фудбалски новинари, додека, пак, за Здружението на професионални фудбалери најдобар во сезоната е Вирџил ван Дајк (27), дефанзивецот на Ливерпул.

Стерлинг во изборот на Здружението кои има над 400 членови славеше токму пред Ван Дајк и пред соиграчот, Серхио Агуеро.

Младиот англиски напаѓач стана првиот „граѓанин“ кој ја добил најстарата англиска индивидуална фудбалска награда по Тони Бук во 1969 година.

Здружението на фудбалски новинари наградата ја доделува од 1948 година, а прв добитник е Стенли Метјус, додека, пак, рекордер е Тиери Анри кој трипати се закити со ласкавото признание.

Стерлинг сезонава постигна 23 гола надополнети со 17 асистенции.

Во изборот на Здружението на професионални фудбалери Ван Дајк зад себе ги остави Стерлинг, Бернардо Силва, Серхио Агуеро, Садио Мане и Еден Азар.

Ван Дајк е првиот дефанзивец, по Џон Тери во 2005 година кој стигнува до оваа награда.

Фудбалските професионалци најдобриот во сезоната го одбираат уште од 1974 година, а прв кој се закитил со наградата е Норман Хантер, од Лидс.

Интересно е дека и двете споменати награди минатата сезона ги освои напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах.