Fiat го претстави електричниот 500

Fiat го претстави електричниот 500

Во италијанскиот производител велат дека моделот ќе ги „промени правилата на игра“ за возила со таканаречени нулта емисија.

Fiat на европските клиенти прво ќе им понуди лимитирана и нумерирана серија „La Prima“ од 500 примероци, по почетна цена од 37.900 евра, вклучително со полнач за батеријата Easy Wallbox. Книгата за нарачки е веќе отворена, а заинтересираните купувачи треба да уплатат депозит од 500 евра, кој ќе им биде рефундиран ако се откажат од нарачката.

Нарачката се врши преку апликација, а опремата, меѓу другото, ќе вклучува комплетна LED технологија во светлосните групи, еко-кожа  на седиштата, 17-инчни алу фелни, хромирани детали и бројни системи за помош на возачот.

„500 не е модел за масовен пазар, тој не е помеѓу евтините модели во сегментот и таа филозофија ќе продолжи“, велат од компанијата.

Новиот 500е е малку поголем од моделот со бензински погон кој се продава во моментов. Меѓуоскиното растојание е подолго за 20 mm (2.320 mm), а каросеријата за 60 mm (3.631 mm). Во исто време, електричниот 500 е 60 mm поширок (1.687 mm), како и 20 mm повисок (1.508 mm).

Наместо аналогни инструменти, пред возачот има 7-инчен дигитален дисплеј. Новиот мултимедијален систем Uconnect 5 има многу опции и ви овозможува да се поврзете на интернет, како и интегрирање на паметните телефони преку Apple CarPlay и Android Auto.

Новиот FIAT 500 е опремен со најсовремени системи за асистенција, вклучувајќи автоматско сопирање, предупредување за возила во мртвиот агол, систем за одржување на возилото во сообраќајната лента, адаптивен темпомат …

Возачот на располагање има три претходно дефинирани режими на возење (Normal, Range 500 и Sherpa), кои ги бира во зависност од тоа дали сака максимално да ги искористи перформансите на автомобилот или да вози што е можно поекономично за да ја зголеми автономијата.

Новиот електричен 500 енергијата ја складира во литиум-јонска батерија од 42 kWh. Автомобилот погонот го добива од електромотор со моќ од 120 КС (88 kW) кој обезбедува забрзување од 0 до 100 за 9 секунди, а од 0-50 km/h за само 3,1 секунди. Максималната брзина е 150 km/h.

Новиот електричен 500 по WLTP циклусот има автономија до 320 километри, која се зголемува на 400 километри за градско возење

За да помине дистанца од 50 километри на новиот електричен 500 му е потребно полнење на батеријата од само пет минути на брз полнач од 85 kW, што е сосема доволно за просечна дневна употреба. 80 проценти од капацитетот на батеријата може да се наполнат за 35 минути.