Ferrari го претстави 488 GT Modificata

Ferrari го претстави 488 GT Modificata

Најновото тркачко возило на Ferrari се нарекува 488 GT Modificata и претставува модел кој ќе се произведува во ограничено издание.

Ferrari 488 GT Modificata е модел кој е наменет за тркачките патеки, а во себе содржи технологија развиена за 488 GT3 и 488 GTE. Автомобилот може да се користи само на тркачките патеки, како и на Ferrari Club Competizioni GT настаните.

Автомобилот се напојува со битурбо V8 мотор, кој испорачува околу 700 КС. Тоа е многу повеќе од GT3 и GTE варијантите. Новиот трансмисиски сооднос и карбонската спојка помагаат во зголемување на моќноста и вртежниот момент.

Ferrari 488 GT Modificata претставува еден вид мешавина на 488 GT3 и GTE. Производителот од Маранело тврди дека ги комбинира нивните ефективни и иновативни решенија. Овој нов модел исто така има корист од фактот дека неговиот погон повеќе не е ограничен од страна на правилата на FIA.

Инженерите на Ferrari го збогатија 488 GT Modificata со обновени аеродинамички карактеристики, преместувајќи ја потисната сила во средниот преден дел. На овој начин, автомобилот генерира повисок аеродинамички потисок на предниот дел, без да се зголеми севкупниот отпор. Со тоа станува помалку чувствителен на промените на задниот дел. Севкупниот аеродинамички потисок е генериран на повеќе од 1.000 килограми при 230 километри на час.

Како и 488 GTE, каросеријата е направена речиси целосно од карбон, освен алуминиумскиот покрив. Сопирачкиот систем во меѓувреме е развиен заедно со Brembo. ABS системот е позајмен од 488 GT3 Evo 2020, но е подесен конкретно за GT Modificata.

Во стандардната опрема е вклучен и V-Box кој работи заедно со системот за собирање на телеметрички податоци на Bosch. Тука се и задна камера со висока резолуција, второ седиште, плус TPMS систем за мерење на температурата и притисокот. Кога станува збор за персонализацијата, купувачите можат да добијат речиси се што сакаат кога станува збор за екстериерот и естетиката на ентериерот.

Со оглед на тоа дека станува збор за модел кој ќе биде во ограничена серија, италијанскиот производител иницијално ќе го продава само на возачи кои неодамна учествувале во Competizione GT со Ferrari или Club Competizione GT. Календарот за следната година во Club Competizione GT ги вклучува Virginia International Raceway, Monza, Watkins GLen, Suzuka и Nurburgring.