Електричниот Jaguar ќе дебитира на први март со побрз полнач

Jaguar ги објави новите детали непосредно пред премиерата на својот прв автомобил на струја, моделот I-Pace.

Продукцискиот Jaguar I-Pace е базиран на истоимениот концепт од 2016 година, а компанијата објави видео од тестирањето на претпродукциските автомобили во Шведска, во услови на екстремно ниски температури (околу -40°C).

Со цел да се избори со таквите ситуации, I-Pace има електронски систем кој му овозможува на возачот да го подготви својот автомобил пред возењето во зависност од климатските услови и температурата на воздухот. Тоа ќе го извлече максимумот од перформансите на автомобилот и ќе овозможи поголема автономија во возењето.

Од Jaguar велат дека возачот ќе може сам да изврши прилагодување на карактеристиките на возилото, но и времето за полнење на батеријата по пат на мултимедијалниот систем, како и со помош на смартфон апликација.

Автомобилот ќе поседува систем за брзо полнење на електрична енергија, па така батериите ќе можат да се наполнат до 80 проценти од капацитетот за 45 минути или пократко, соопштуваат од компанијата.

Jaguar засега не објави други детали, но познато е дека овој модел ќе биде опремен со батерија од 90 KW и електричен мотор од 400 коњски сили (294 kW) и 700 Nm. За забрзување од 0 до 100 км/ч. му се потребни околу 4 секунди, а со полни батерии може да помине и повеќе од 500 километри.

Онлјан премиерата на Jaguar I-Pace е закажана за први март, а потоа автомобилот ќе биде претставен на публиката на саемот за автомобили во Женева.