Дестинации совршени за краток есенски туризам

Дестинации совршени за краток есенски туризам

Летото и сезоната на годишните одмори одамна заврши, но доколку сте еден од оние среќници на кои им преостанале уште неколку слободни денови или сте го прескокнале летниот одмор – овие дестинации се создадени за авантура во текот на прекрасната есен.

Рим, Италија

Римјаните го користат изразот “римски октомври” за да опишат колку е прекрасна престолнината на Италија во текот на есента. Како и секој главен град, така и Рим оживува по летната меланхолија. Градот станува разигран, туристите се во помал број, а времето е идеално за седење во некоја градина и уживање во прекрасната храна и вино.

Истанбул, Турција

Културни случувања? Фантастично време? Истанбул е идеалното решение. Моментално во Истанбул е во тек Истанбулското биенале кое нуди бројни уметнички изложби и случувања низ градот, а истото трае до 10-ти ноември. Без оглед дали за првпат ќе го посетите овој град или повторно ѝ се враќате на оваа убавица, не треба да ги заборавите посетите на палатата Топкапи, Аја Софија и Големиот базар.

Париз, Франција

Романтика, романтика, уметност… Одговорот е Париз! Треба да имате на ум дека оваа година се одржува еден од најголемите културни настани, по повод одбележување на 500 години ренесанса. По тој повод, Лувр е домаќин на огромни изложби на делата на Леонардо Да Винчи. Освен музејските поставки, бројни настани поврзани со оваа изложба ќе се одржат и во долината на Лоар, каде уметникот ги поминал своите последни години од животот.

Кога сте веќе во Франција, есента е најдобро време за посета на Прованса. Можеби не е сезона на цветање на лавандата, но затоа е во тек сезоната на берба на грозје, маслинки и тартуфи.

Андалузија, Шпанија

Кога е во прашање сезоната на берба на грозје, прекрасното време и колоритните пејсажи, ни Шпанија не заостанува зад Италија и Франција. Климата во Мадрид во текот на есента е блага и сончева сè до почетокот на октомври, кога речиси преку ноќ се претвора во празнична, зимска идила.

Ако барате малку поинаква Шпанија, сосредоточете се на магичната Андалузија. Малага е позната по врелите лета и прекрасните плажи, но умерените температури во текот на есента се идеални за одмор.

Амстердам, Холандија

Токму како и сезоната на лалиња, есенската сезона е подеднакво убава во Холандија. Амстердам го добива својот полн сјај, а освен тоа Националниот музеј оваа година одбележува 350 години од смртта на Рембрант, со низа изложби.

Нешто постуденото време од гореспоменатите дестинации е идеално за романтични моменти во некои од бројните градски кафулиња со пиво или чаша холандски џин.